Ќе има ли свадби од јуни ? Организаторите на прослави се надеваат дека до крајот на месецов ќе олабават рестрикциите и конечно ќе добијат протоколи за работа по кои веќе од следниот месец можат да работат. Ова го побарале вчера и на состанокот со вицепремиерот Битиќи.

Имаме најава дека до крајот на овој месец ќе има позитивна промена, односно олабавување на протоколите за заштита од ширење на вирусот. За нас е најважно да имаме безбедни услови за работа и самостојно без финансиска поддршка да може да продолжиме понатаму. Се надеваме дека такви услови ќе се создаваат во наредниот период со оглед на тоа дека бројките на новозаболени се намалуваат, а почнува да добива на динамика и процесот на вакцинација, се вели во дописот од ССК.

На состанокот освен правилници, побарале финансиски да им бидат покриени месеците во кои се затворени, со образложение дека новиот пакет не им е од голема помош.

Вицепремиерот Битиќи изрази надеж дека по 15-ти мај мерките ќе се олабавуваат и ќе се отвори можност за организирање и на поголеми прослави по протоколи. Најави дека се разгледува можноста и за нов пакет помош.

Протестите на организаторите на прослави во моментов се ставени во мирување.

Инаку организаторите на прослави  веќе втора година се затворени. Кафаните и рестораните пак повторно почнаа да работат од пред неколку дена. Од денеска тие ќе бидат отворени за гости до 22 и 30 часот.