Во новиот Закон за работни односи, предвидено е трговските центри да работат со скратено време од 10-18 часот.Воедно рабниците кои тој ден ќе работат ќе треба да земаат 100 отсто повисока дневница.

Од првиот ден кога ја отворивме дискусијата за недела-неработен ден, кажавме дека тоа ќе биде направено на консултативен начин, помеѓу синдикатите и работодавачите, затоа што не можете да направите системска промена, којашто бара промена во однесувањето на сите во општеството, без притоа да ги прашате клучните чинители. Заедно со синдикатите и со Организацијата на работодавачи ги дефиниравме исклучоците за компании кои би работеле во недела, објасни вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во 24 анализа.

Додаде дека со законското решение за „недела – неработен ден“ кое е поставено на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР), е јасно утврдено кои се исклучоците за кои е дозволено да работат во недела, а по разгледување на сите коментари ќе биде предложено во собраниска процедура.

-Нема да работат трговските објекти насекаде, на угостителските објекти ќе им се дозволи да работат во недела со одреден временски период, ќе им се дозволи според Законот за трговија на одредените дејности во трговија, во трговските центри, притоа морам да нагласам дека ќе се лимитира времето на работење, само во една смена од 10-18 часот, а притоа ќе плаќаат дополнително давачка за работењето во недела. Таа дополнителна давачка е до 2 отсто од приходот заработен во неделата и таа давачка ќе оди наменски за градење на детски градинки. Дополнително, оние работници кои ќе работат во трговски центри, во недела, ќе добиваат 100 проценти повисока дневница. Направивме еден модел заеднички во економско-социјалниот совет,  во којшто дозволивме и да се работи, затоа што мораме да се грижиме за економијата, но исто така работниците да си уживаат одредени права, рече Битиќи.

Вицепремиерот го до објасни концептот при што спомена дека во недела ќе биде дозволено да работат трговците поединци, коишто самите го дефинираат работното време и притоа самите ќе ги извршуваат работните обврски.