Во услови на стабилна епидемиолошка состојба и со 221 активен случај на Ковид-19, Владата вчера донесе одлука да се дозволи организирање на свадби и во затворен простор со максимум 250 лица.
– На предлог на Министерството за економија Владата донесе одлука од 1 јули 2021 година свадби да се организираат и во затворен простор со максимум 250 лица, но не повеќе од 40 отсто од капацитетот на просторот, напиша на неговиот фејсбук-профил министерот за економија Крешник Бектеши.
Од 1 јуни е дозволено организирање на свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси до максимум 100 лица, но не повеќе од 50 проценти од капацитетот на просторот и до максимум шест лица на маса со обезбедување на препорачаната дистанца помеѓу лицата.
Оваа одлука, меѓутоа, не се однесува на затворените простори на дискотеките, кабареата и клубовите за кои и натаму не е дозволена работа и посета на гости.
Во исто време, Министерството за здравство соопшти дека на националниот систем „Мој термин“ е воведена можност за издавање сертификат за прележан Ковид-19. Сертификатот им се издава на сите лица кои во последните девет месеци биле позитивни на Ковид-19 и се регистрирани како позитивни случаи во Националниот систем.
– Сертификатот може да се преземе кај матичниот лекар или со најава на страницата vakcinacija.mk. Сертификатот е на македонски и англиски јазик, содржи податоци за лицето (име и презиме, ЕМБГ, ЕЗБО, датум на раѓање, пол) тип на тест, датум на тестирање, датум на позитивен резултат, здравствена установа (лабораторија) каде што е направено тестирањето, како и QR-код. Сертификатот е заверен со дигитален печат на Министерството за здравство, информира Министерството.
Прва доза вакцина против Ковид-19 вчера примиле 10.940 граѓани, а вкупно се вакцинирале 13.628 граѓани. На вакциналните пунктови во државата заклучно со 28 јуни се вакцинирани вкупно 310.384 граѓани, вкупно се аплицирани 529.445 дози вакцини, а ревакцинирани се 219.061 граѓани.
Според Министерството за здравство, со последните бројки 52 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, како и 49 отсто од оние над 65 години и 42 проценти од граѓаните над 60 години.