Во една магична земја Македонија, преживуваат Владимир и Естрагон (реалниот сектор) кои го чекаат долго најавуваниот Годо (петтиот сет мерки) кој ветува спас на економијата во рецесија. Но со секој изминат ден дури и најголемиот оптимист Владимир почнува да се сомнева во доаѓањето на Годо.

Поминаа 19 дена од месецов, а од Годо ниту трага ниту глас, талка негде по светот, додека вработените на Владимир и Естрагон се надеваат дека ќе земат плата, дека можеби утре ќе биде подобро, дека баш утре ќе стаса Годо, но попусто. Владимир и Естрагон секој ден се соочуваат со нови долгови, нови пристигнати обврски кои немаат од каде да ги платат, несолвентност им чука на врата заедно со извршителите. Гласникот Поко секој ден вели дека Годо ќе дојде баш утре, ама изгледа заталкал некаде можеби на плажите во Мексико. Се најави бришење на каматите, поддршка за исплата на платите за февруари и март и уште неколку други мерки. Помошта за платата за февруари требаше да биде веќе пристигната, бидејќи платата се исплати. Економијата стоеше на стаклени нозе и пред кризата да почне да и ги крши, па денес не знаеме кој е во по очајна состојба, угостителите кои година дена се под клуч и имаат 0 денари приход, естрадните уметници кои можеби ќе треба концертите да ги држат во автобусите на ЈСП кои се корона фри зона или пак туристичките работници. Но она што е сигурно е дека сите заедно можат да бараат заем (оти немаат да платат) на антитела од сметководителите кои не се погодени од пандемијата. Дека сме имуни на вирусот дознавме со едногодишно задоцнување, инаку ќе бевме многу поопуштени во извршување на работните задачи.

Инаку за разлика од многуте стопански дејности кои бараа грантови, субвенции, помош и финансиска поддршка ние сметководителите баравме време, односно продолжување на рокот за поднесување на годишните сметки (за кои со години посочуваме дека е прекраток) односно прилагодување кон роковите кои ги имаат земјите во регионот и земјите на Европската Унија кон која стремиме. Барањето беше одбиено со образложение дека податоците ни ги бара Европската Унија поради статистички податоци, веројатно затоа што најпрвин се обработуваат податоците од Македонија, а подоцна од останатиот дел на Европа?! Чекорејќи по трнлив пат успеавме надлежните да го разберат нашиот проблем и добивме дополнителни десет дена продолжување на рокот!

Можеби Годо ќе дојде, а можеби и не. Дали доцни – и повеќе од тоа, часовникот е 12.05. Дали ќе се постигне посакуваниот ефект за ублажување на кризата – ниту одблизу. Дека е потребно многу повеќе веднаш и сега, како вода после суша. Како и да е на крајот на денот останува надежта дека Годо со најавените 160 милиони евра ќе стаса утре. Всушност дали ние бевме овде вчера??!

 

ПРЕТХОДНА ВЕСТЗа 10 дена продолжен рокот за електронско поднесување годишни сметки
СЛЕДНА ВЕСТКредит од 2,5 милиони евра од ЕБОР и ЕУ наменет за малите и средните компании