Централниот регистар известува дека го продолжи рокот за електронско поднесување на годишни сметки и финансиски извештаи заклучно со 25.03.2021 година. Оваа одлука следува по барање на Комората на сметководители која, во изминатиот период преку дописи и прескоференции бараше продолжување на роковите.
„Централниот регистар одлучи да излезе во пресрет на обврзниците за поднесување на годишна сметка и на сметководителите и да го продолжи рокот за електронско поднесување заклучно со 25.03.2021 година до 24 часот. Ваквата одлука за пролонгирање на рокот се носи согласно ситуацијата и мерките од Владата за заштита и превенција од вирусот covid-19, како и поради тоа што голем број од сметководителите се заболени од вирусот и не се во можност да ги запазат законските рокови. Одлуката за пролонгирање на рокот е во согласност со член 477 од Законот за трговски друштва“, се вели во објавата на Централниот регистар.
Од ЦРМ велат дека заклучно со 11.03.2021 година над 90% од обврзниците веќе ја поднеле годишната сметка.
Комората на сметководители бараше пролонгирање на роковите за годишни сметки и финансиски извештаи поради исклучително тешките услови за работа во која се наоѓаат сметководителите, поради голем број на заболени но и зголемениот обем на работа заради имплементацијата на економските мерки. Комората бараше системско решавање на проблемиот со тоа што преку законски измени ќе се направеше пролонгирање на овие рокови согласно европските практики, но ова барање беше одбиено. За крај сепак се прифати барањето за пролонгирање на роковите согласно можностите кои ги нуди законот.