Со месеци наназад угостителите апелираат дека се на работ на егзистенцијата поради што се доведени во прашање голем број работните места и човечки судбини. Оние кои обично ја имаат најубавата дејност организирање на свадби, се најдоа во ситуација наместо свадби да организираат протести пред Владата, преку кои побараа да им се овозможи да работат, кога веќе нема активни мерки кои ќе им помогнат да преживеат.
Во поповолна состојба не се ниту другите угостители, кои наместо помош добиjа ново затворање од 14 дена (ако не и повеќе). Не, се уште не стаса ниту помошта од петтиот сет мерки ветена на 24.12.2020 година или пред три и пол месеци. Наместо помош секој ден стасува ново ветување за веќе ветената помош, па и уште по некое ново ветување за најнова помош. Покрај угостителите и туристичките работници, естрадните уметници, фотографи, фризери и останати занаетчии кои се борат за егзистенција бараат државата да се фокусира и да им помогне на оние на кои им е најтешко, а не да се трошат пари на непотребни работи додека луѓе масовно пропаѓаат.
Луѓето на кои им се оневозможува или им се ограничува работата бараат државата да им помогне наместо да им праќа опомени, извршни налози, фискални и парафискални давачки. Угостителите без темелна анализа се сатанизирани дека токму нивните објекти се легла на зараза. Државата редовно им го менува работното време, ги затвора, ги отвара, најголем број од нив ги почитуваат мерките, но и покрај тоа добиваат решенија за присилна наплата на плати, аконтации за данок на добивка како да е возможно оваа година да ја завршат со добивка.
Што ќе се случува со микро претприемачите кои поединечно се најслаби, па со тоа се и најранлив дел на економијата во месеците кои следат, никој не знае. Но со голема доза на сигурност може да се претпостави дека голем дел од нив ќе стават клуч на врата, особено поради фактот што на овие стопански гранки ниту во 2019 година пред корона кризава не им цветаа рози. Тоа се микро бизниси со до 10 вработени, семејни бизниси кои едвај преживуваат.
Што би требало одговорна власт да направи во ваква ситуација? Пред се да направи точна, реална, непристрасна анализа во координација со реалниот сектор застапуван од стопанските комори, за тоа кои се најпогодени сектори и кој е најсоодветниот начин за да им се помогне да преживеат додека уште не е доцна, и најважно таа анализа да покаже како исклучително скромните ресурси на државата да се искористат крајно рационално.
Исто така многу е важно расипништвото, личните интереси и суети да се остават на страна, не место за нив во услови на рецесија. Државата мора да работи за интересот на најзагрозените луѓе и нивните семејства, да се погрижи да преживеат и да не ги затворат фирмите бидејќи тоа е и во нејзин интерес. Време за нови ветување и чекање, нема состојбава е исклучително алармантна.
Автор: Ана Тасевска