Сојузот на стопански комори и ПМЛ Консалтинг денес потпишаа Меморандум за разбирање како израз на волја за соработка на проекти од заеднички интерес, иницирани од постојаната потреба за зајакнување на конкурентноста и капацитетот на националните претпријатија, особено во процесот на пристапување кон Европската Унија. Креирање нови можности за малите и средни претпријатија, кои произлегуваат од реформите кои е неопходно да се спроведат како дел од процесот на пристапување кон Унијата и имплементација на европските политики е една од целите за реализација на меморандумот.
Од соработката се очекува да произлезе структурa за поддршка, како и механизми и алатки кои ќе им овозможат на претпријатијата со помош на советување, обука и знаење, да станат поконкурентни преку прилагодување на пазарот на Европската Унија, преку користење на достапните финансиски инструменти, градење на капацитетите за влез на единствениот европски економски пазар и учество во иницијативи за олеснување на меѓународната трговијата.
Тимот на ПМЛ има долгогодишно искуство во работа со национални, билатерални и мултилатерални организации ширум светот со широк опсег на делување и креирање препораки за јавни политики.