Home КОЛУМНИ Македонија не е сиромашна туку е украдена држава

Македонија не е сиромашна туку е украдена држава

0
Македонија не е сиромашна туку е украдена држава
fbt

Јавниот долг на Македонија е застрашувачки, а кризата иако навидум замира со стишување на пандемијата, неизвесноста се уште постои. Она на што мора да се посветиме во наредниот период е стабилизирање на економијата и закрепнување на државната каса. Иако како економисти се согласуваме дека потребно е преземање соодветни мерки за намалување на долговите, очигледно се разединуваме во мислењата како тоа да се направи.

Во јавноста проструија повеќе најави од функционери и научници за зголемување на даноци, веројатно за да се опипа пулсот кај граѓаните, со аргумент дека така ќе се зголемат приходите во буџетот. Но, она што забораваат да го акцентираат експертите е дека на среден и долг рок, наместо позитивен ефект, ваква мерка ќе предизвика контраефект. Зголемувањето на даноците ќе значи намалена ликвидност и/или зголемување на цените на производите и услугите, или во краен случај ќе доведе до замирање на голем број микро и мали претпријатија и акумулирање на илјадници нови невработени.

Движејќи по кругот на економијата, зголемувањето на даноците граѓаните повторно ќе го почувствуваат како крајни потрошувачи по сопствениот џеб. Во услови на инфлација и енормно зголемени трошоци за живот, со ова дополнително ќе се намали куповната моќ и државната каса нема да креира вишок со кој ќе се покриваат долговите.

Затоа, наместо вакви умствени екскурзии кои на сличен начин како прогресивниот данок на личен доход се осудени да доживеат фијаско, крајно време е државата да се насочи на вистинско решавање на проблемите.

  • Наместо регулирање на веќе регулираните кои редовно плаќаат даноци и придонеси, Акцискиот план за борба со сивата економија која во Македонија зазема 40%, конечно нека премине во акција. Џабе закони на хартија ако цели нерегистрирани машинерии непречено функционираат пред очи на институциите.
  • Наместо зголемување на данокот на имот, јавна тајна се цели општини кои платиле 700 денари за цела година (веројатно и тие по грешка) и од година во година традицијата на мижење од страна на надлежните продолжува.
  • Наместо дополнително даночно оптоварување на микро, мали и средни претпријатија кои после 15 месеци неизвесност и борба за опстанок едвај постојат, за промена експертите нека вперат прст кон оние кои безобразно профитираа во ек на криза. Нека се дрзне некој од надлежните да чепне кај заштитените бели мечки, кај оние кои финансираат кампањи, кај олигарсите и банките кои години наназад се третираат како ендемски заштитен вид на товар на народот.
  • И последно, но најважно. Наместо по секоја цена зголемување на приходната страна на буџетот, очајно ни треба намалување на расходната. Сведоци сме како секојдневно се трошат милиони народни пари за непродуктивни набавки. Луксузни автомобили, бесмислени прослави во хотели со 5* и СПА центар, месо, кафе, апетисани, лубриканти, тендери по нарачка и што ли уште не.  Но, ова некако најтешко им паѓа на повиканите. Во нивниот свет ова се насушни потреби, а обичните смртници можат и со еден оброк дневно, додека се лекуваат преку СМС пораки, наместо во болница.

Македонија не е сиромашна држава, Македонија е украдена држава токму од оние на кои им била дадена одговорност да ја водат. За жал, од година во година Македонија се почесто се наоѓа на врвот на листите според сиромашен живот, загаденост, корупција. Преубавата татковина е само во мислите и надежите на оние кои одлучиле да живеат и создаваат тука. И сега, пред да се иселиме оттука или да умреме во мизерија, време е да преземеме одговорност. Да го кренеме гласот онаму каде што сме повикани и да се избориме за она што ни припаѓа. Достоинствен живот и ништо помалку од тоа.

Автор: Александра Андреева