Овој угостител банкротирал, онаа фабрика отпуштила 50% од вработените, соседот останал без работа, пријателот е на принуден одмор, трет работи со скратено работно време…. бродот тоне, сиромаштијата расте со геометриска прогресија, невработеноста и задолженоста на народот секој ден руши рекорди … тоа е сликата на нашата земја.
Откако ги завршивме прославите за рамковниот, независноста, протуркавме разни сомнителни тендери и потрошивме пари кои ги немаме, го доведовме јавниот долг на рекордни 64% од БДП. Сега ред е да се разбудиме од бајката за подобро утре базирана на празни ветувања без економска поткрепа. Последиците ќе бидат тешки, а без големи откажувања нема да го избегнеме банкротот бидејќи веќе сме во рецесија. И додека Германија како најголема европска економија е загрижена како да ги спаси работните места, a прогнозите за враќање на состојбата пред кризата се дури за 2023 година, ние не береме гајле. Продолжуваме со непродуктивните трошења како што е пописот, кој многу економски посилни држави го одложија. Наместо помош за граѓаните, тие добија поскапа електрична енергија. Наместо поевтина нафта, земјоделците добија пониски откупни цени. На товар се ставија и повисока акциза на горивата, а сите малопродажни цени на основните прехранбени продукти се во континуиран пораст од ден на ден. Од денес поскапуваат горивата, од утре поскапува струјата, вчера поскапи лебот…тоа се најчестите наслови во медиумите деновиве. А да има и една добра вест дека просечната плата се зголемила за 4,8% во споредба со истиот месец минатата година. Но сепак и покрај растот на просечната плата денес никој не живее подобро од минатата година.
Иако познат е фактот дека цената на нафтата е на највисоко ниво во последните 7 години и дека тоа ќе повлече низа дополнителни покачувања на цените на мало, ние не преземаме ништо да го ублажиме тој ефект. Мерки постојат, на пример може времено да се укине акцизата или да се намали стапката за ДДВ. Со тоа државата конечно ќе застане зад транспортерите и земјоделците без кои рафтовите во продавниците ќе останат празни. Потребно е да се помогне на сопствениот народ од кој речиси 1/3 живее во сиромаштија, а преку новите задолжувања кај банките наскоро тоа ќе е случај кај 1/2 од населението.
Треба да се сфати дека основен проблем не е како да се усогласат расходите со приходите бидејќи дефицитот е неминовен, ниту тоа колку е голем дефицитот. Важно е правилно да се насочи буџетската поддршка за да би се сведат на минимум негативните последици од пандемијата. Ако веќе се задолжуваме парите да завршат во реалниот сектор и граѓаните со цел да се зачува јавното здравје и стопанството, а не во непродуктивни трошења.

Автор: Ана Тасевска

ПРЕТХОДНА ВЕСТНов круг консултации со Софија до крајот на октомври, Скопје се надева на решение по изборите во Бугарија
СЛЕДНА ВЕСТПоранешниот американски претседател Бил Клинтон примен во болница заради инфекција на крвта