За вакцината на „Синофарм“, која во моментов се аплицира во земјава и со која почна масовната имунизација, граѓаните треба да знаат дека се потребни девет недели од првата доза додека да се создаде целосниот имунитет.
Сите вакцини, вклучувајќи ги и кинеските од „Синовак“ и од „Синофарм“, ги штитат граѓаните од сериозна клиничка слика како последица од ковид-19 и од смрт, вели за „Слободен печат“ директорот на Институтот за имунологија доктор Александар Петличковски. Во јавноста постои скептицизам за ефикасноста на кинеските вакцини поради податоците што доаѓаат од Бразил и од Турција.
– Споредбите за ефикасноста се генерални споредби и процентите што укажуваат на ефикасноста на вакцините се споредливи за сите вакцини. За „Синофарм“ веќе имаме доволно податоци дека се работи за вакцина со ефикасност од над 80 проценти. За „Синовак“ нема многу податоци. Од тие податоци што ги има за „Синовак“, добиени од клинички студии во Бразил и во Турција, не се идентични податоците. Податоците од Бразил се дека ефикасноста на „Синовак“ е околу 50 проценти, а податоците од Турција се дека ефикасноста на „Синовак“ е над 80 проценти. Тука има недостиг на проверени и транспарентни информации околу „Синовак“ и затоа малку има и недоверба помеѓу населението. Инаку, во Кина вакцината на „Синовак“ е најмногу користена, а втора по користеност е „Синофарм“. Резултатите од користењето на овие две вакцини во Кина се одлични. Тие не пријавуваат нови случаи на заразени месеци наназад – вели за „Слободен печат“ директорот на Институтот за имунобиологија, доктор Александар Петличковски.