„Токму обичниот граѓанин преку оваа одлука добива најмногу иако банките преку изјавите на нивните добро платени експерти се обидуваат да ја манипулираат јавноста преку закани односно дека преку покачување на каматните стапки истиот тој граѓанин ќе ја плати сметката на крај.
Банките со моменталната поставеност на работите и законите успеваат и во услови на пандемија да бележат неретко и рекордни профити иако останатите компании и граѓани бележат загуби. Зарем некој од нив би посакал промена на оваа поставеност на работите!?
Друг неминовен факт е дека според поставеноста на законите при пропаѓање на банка, сметката секогаш на крај ја плаќаат токму граѓаните, но и фирмите кои се обврзани да работат преку банкарски сметки. Зарем некој од нив би посакал ова поставеност на работите да се промени!?
Трет факт е дека со досегашната поставеност на Законот за банки, пред донесување на одлука на Уставниот суд, банките плаќаа мали премии на Фондот за осигурување на депозити заради тоа што во случај на пропаѓање на банка истиот тој фонд ќе обештети дел од коминтентите на банката додека своите побарувања подоцна ќе ги наплати во стечајната постапка со приоритет пред останатите доверители и со тоа премијата нема да се промени. Зарем некој од нив би посакал промена на оваа поставеност на работите!?
Токму горе наведените факти се главната причина зошто наеднаш се појавуваат експерти кои досега мудро молчеа, надевајќи се на инертноста на системот за носење одлуки за промена. А токму таа инертност како и серијата неповолни закони и одлуки во законскиот систем во целина допринесоа моментално да имаме ситуација каде одлуката на Уставен суд, со која се одбранија основните човекови права, да помине непоздравена и неискоментирана од многутте невладини организации за човекови права чија главна цел треба да им биде токму тоа што уставните судии го направија сега.
Истата таа одлука помина и без реакции кај опозициските политички партии, чија основна причина за постоење е да го бранат интересот на граѓаните.
Дали оваа летаргија и потиштеност е предзнак дека обичниот граѓанин полека но сигурно се предава во борбата за правдина и за своите човекови права кои му се загарантирани со Устав?
Дали е можно да се третира како јавен интерес профитот на банките и целосната подреденост на граѓаните и правните лица на банкарскиот систем? Се прашуваме, дали затоа со толкава итност се форсира измена и дополнување на Законот за банки со алузија дека со него треба да се заштити јавниот интерес? Што заштитува тогаш Народната банка?
Едно е сигурно, ние како здружение ќе продолжиме интензивно да се бориме за правата на своите членови – физички и правни лица, но и сите граѓани учесници во овој банкарски систем“, се вели во соопштението на Правда за штедачи.