„Жито Лукс“ одржал исто ниво на приходи како и лани, исто ниво на извоз, а благодарејќи на деловната политика со која менаџментот ги скратил финансиските расходи за повеќе од 20 отсто односно за 57.000 евра, компанијата на крај на септември е во добивка три пати поголема од лани!

Најголемата скопска компанија за производство на леб, брашно и пецива „Жито Лукс“ за првите девет месеци оствари приходи од продажба кои се на исто ниво како и лани, покажуваат официјалните податоци од финансиските извештаи за првите девет месеци. Тоа значи дека досега вонредните услови на работење особено по периодот на карантинот и вонредната состојба позитивно влијаеле врз приходите на „Жито Лукс“ особено ако се има предвид дека имаше пократки временски периоди за продажба на продукти особено во периодот од втората половина на март па до крајот на мај годинава.

За првите девет месеци друштвото има приходи од продажба во износ од 12,85 милиони евра што е за занемарливи 2 отсто помалку од истиот период лани. Како и секогаш доминантна е продажбата на домашниот пазар која изнесува 12,34 милиони евра и во споредба со истиот период лани бележи намалување од само 2 отсто. Извозот на „Жито Лукс“ во периодот јануари-септември изнесува половина милион евра и е на исто ниво како и лани. Трошоците на продадените производи и услуги изнесуваат 9,2 милиони евра и тоа е исто како истиот период лани.

Бруто добивката на друштвто годинава е 3,64 милиони евра и тоа е за 5 отсто помалку од лани. Трите најголеми расходни ставки се: набавката на суровини и материјали и таа изнесува 7,2 милиони евра исто како и лани, услугите со карактер на материјални трошоци учествуваат со 2,2 милиони евра и тоа е исто како и минатата година. Благ раст од 3 отсто бележат трошоците за вработените и тие изнесуваат 2,15 милиони евра што укажува на тоа дека „Жито Лукс“ води грижа за своите кадровски ресурси.

Оперативната добивка на друштвото за периодот јануари – септември надминува 254.000 евра и таа е за 10 отсто пониска од истиот период лани. Значајна охрабрувачка вест за акционерите на друштвото е тоа што менаџментот со својата деловна политика успеал да ги намали финансиските трошоци за 22 отсто во споредна со истиот период лани! Тие сега се 202.000 евра до крај на септември, а лани во истиот временски интервал биле повисоки за 57.000 евра.

Токму заради горенаведените факти компанијата остварила нето добивка од 34.000 евра за првите девет месеци и тоа е за три пати подобар резултат од лани остварен во вонредни услови на работење со бројни ограничувања.