Ситуацијата е прилично мирна. Нема ниту еден знак дека е можно да има влошување на епидемиолошката слика. Повеќе денови по ред нема притисок по болниците, истакна министерот за здравство Венко Филипче во денешното гостување во „Утрински брифинг“, додавајќи дека надлежните ја следат ситуацијата во регионот.

– Сметам дека, ако летово ситуацијата продолжи вака, не треба да се воведуваат никакви рестриктивни мерки. Будно ја следиме ситуацијата. Има земји каде индискиот сој побрзо се шири. Засега нема потреба, а доколку се појави ќе интервенираме – објасни Филипче.

Тој додаде дека засега нема податоци за ширење на делта-сојот.

– Немаме податоци за ширење на делта-сојот бидејќи треба да се направи анализа на позитивниот тест, на оние примероци кои се тестираат. Таквите поединечни примероци засега не укажуваат на ширење на делта-сојот – нагласи министерот.