Членовите на Комисијата за заразни болести денеска решиле да не бараат воведување на рестриктивни мерки како превенција на ширењето на делта сојот на коронавирусот. Здравствената состојба е стабилна, па од Комисијата нема да има нови препораки до Владата, оцениле епидемиолозите на утринскиот состанок.
Министерот за здравство, Венко Филипче, изјави дека ситуацијата е многу мирна, а нема ниту еден знак дека е можно да се влоши епидемиолошката слика. Нема зголемен притисок по болниците повеќе денови по ред.
– Нема пријавување, нема наплив на пациенти ниту во амбулантите, што нѝ укажува и потврдува дека ситуацијата е прилично мирна. Ја следиме ситуацијата и во околните земји. Мирно е насекаде во регионот. Ги следиме и земјите каде нашите граѓани заминуваат за летните одмори. Има лесно зголемување на бројката на позитивни случаи во Грција, но сметам дека тоа не е алармантно. Затоа летово доколку ситуацијата продолжи вака, сметам дека не треба да се воведуваат никакви рестриктивни мерки, изјави Филипче за „Утрински брифинг“.
Комисијата не побарала ниту да се воведат задолжителни тестови на граничните премини при влезот во државата.
– Будно ја следиме ситуацијата, бидејќи има земји каде што индискиот сој, како поагресивен во однос на претходните, побрзо се шири и тие земји, еве, воведоа некоја рестрикција. Сметам дека засега нема потреба, но ако треба – ќе интервенираме, рече Филипче во врска со воведувањето задолжителен ПЦР тест.
Поради ширењето на индискиот сој на вирусот неколку држави во Европа ги вратија на сила дел од ограничувањата. Епидемиолозите во земјава предупредија дека летово мора да се забрза имунизацијата на населението, за есента, кога се очекува и кај нас да почне ширењето на делта сојот, да ја дочекаме подготвени.
Во Грција од денеска важат нови мерки за влез на островите.
Грците се особено внимателни со мерките и од петокот, по пауза од една година, почнаа со работа кино салите, пишува Катимерини. За влез на проекција, треба да се покаже вакцинален серитфикат или негативен ПЦР тест не постар од 72 часа, пред закажаното време на проекција, или брз антигенски тест во рок од 48 часа пред закажаното време, или само- тест не постар од 24 часа пред почетокот на филмот.
Во Грција ќе бидат прифатени сертификати за вакцинација на Европската унија (дигитален Ковид сертификат), како сертификати од трети земји. Сите патници мора да носат потврда за вакцинација во хартиена или електронска форма.
А сите граѓани кои сакаат да патуваат на грчките острови што користат бродови, мораат да покажат:
а) Сертификат за вакцинација со најмалку 14 дена од ревакцинацијата.
б) Негативен ПЦР тест во последните 72 часа пред закажаното време на патување или во брз тест за коронарен антиген (брз тест) од последните 48 часа пред закажаното време на патување. Негативната дијагноза на лабораторискиот тест со методот PCR и тестот за брзо откривање на антиген се докажуваат со докажување на релевантен сертификат.
в) Потврда за прележана болест издадена 30 дена по првиот позитивен тест. Неговата важност трае до 180 дена по него.
Обврската важи за малолетни лица од 12 години и постари. Малолетници од 12-17 години можат да ги извршуваат своите движења и да спроведуваат неделен само-тест 24 часа пред закажаното време на патување.
Од овие правила исклучок се:
– Патници кои секојдневно патуваат помеѓу за работа, кои можат да ги извршуваат своите движења и да спроведуваат неделен самотест.
– Патници кои патуваат на поморски врски помеѓу островите.
На враќање од островите, се препорачува само-тест за сите и децата над 12 години.