Денеска во Кривичниот суд обвинителите Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов ги даваат завршните зборови за случајот „Таргет и Тврдина“, односно за масовното незаконско прислушување во УБК.

Обвинителот Пеливанов ги прочита стотината оштетени, кои биле нелегално прислушувани, а обвинителката Ристоска потсети дека пред овој случај, во минатото, имало уште две афери за прислушување, од кои и „Големото уво“ од крајот на 2000 година.

-Тогаш осомничените беа аболицирани од тогашниот претседател Бранко Црвенковски, рече Ристоска.

Таа потоа потсети и како била откриена и последната афера „Таргет и Тврдина“. Го спомена сведокот Ѓорѓи Лазаревски кој прв се посомневал дека се врши нелегално прислушување, а потоа сомнежите му ги потврдува колегите Звонко Костовски и Сашо Трајковски. Обвинителката во детали појасни како сведоците обезбедиле докази за нелегалното прислушување во Управата, а кои му ги предале на Зоран Верушевски. Потоа следувала акцијата „Пуч“, и обидот целата вина за прислушување да се префрли на сведоците кои ги прибирале доказите, и тогашниот опозициски лидер Зоран Заев.

-Сепак, главното прашање не е како е откриено незаконското прислушување, туку колку долго траело, истакна обвинителката.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.