Светската здравствена организација објави дека со голем интерес набљудува нов сој на коронавирусот наречен му. Тој првпат бил идентификуван во Колумбија, но случаи на зараза се регистрирани и во други држави во Јужна Америка, како и во Европа.

СЗО посочува дека овој сој содржи мутации кои би можеле да го направат поотпорни на сегашните вакцини, како што беше случај со бета сојот, кој потекна од Јужна Африка, но ова ќе мора дополнително да се истражи.

„Откако првпат беше идентификуван во Колумбија во јануари 2021, имаше неколку спорадични случаи на му сојот, како и поголеми ширења, што ги пријавија неколку држави од Јужна Америка и Европа“, соопшти СЗО.

Оттаму додаваат дека најголем број заразени со му сојот моментално има во Колумбија (39%) и Еквадор (13%), каде што бројките постојано се зголемуваат.

Моментално постојат четири варијанти кои СЗО ги означи како загрижувачки: алфа, која е регистрирана во 193 држави, бета (141), гама (91) и делта (170), додека му е петти сој кој се следи со интерес.