Пред точно еден век, во 1920 година во близина на Пекмез пазар, на Широк Сокак била основана Битолската банка. Функционирајќи како акционерско друштво, акциите од банката ги поседувале побогатите битолчани кои се занимале воглавно со трговија.

Банката успешно тргувала на маркетите низ Европа и 10тина години во оваа банка се тргувало со акции исто како на Wall Street.

Падот на маркетот во Америка во 1929 година се почувствувал во целиот свет, а негативниот ефект се одразил и на Битолската банка. Се случил целосен пад на акциите, сопствениците изгубиле многу пари, банката западнала во долгови по што започнала ликвидација од страна на Министерството за трговија, во 1932 година.

Ова е само една од банките кои пред еден век функционирале во околината на познатиот Широк сокак во Битола, местоположба која се сметало дека е извонредна за трговски и банкарски зделки.

Како печат на автентичната архитектура со која може да се пофали Битола се бројните објекти во овој дел од градот кои сè уште сведочат за постоењето и работењето на голем број банки во минатото. Во дел од овие објекти, покрај Битолската банка низ годините функционирале и Отоманската банка, Француско – Српската , Државна хипотекарна банка, Солунската банка , Зират (земјоделска) банка, Комунално – инвестициска банка.

Денес, во една од овие градби која се смета за еден од најубавите примери на архитектура во градот Битола се наоѓа и една од експозитурите на Стопанска банка а.д. Битола.

Оваа зграда низ годините исто така била седиште на повеќе банки, а до денес ги има задржано сите автентични елементи на објектот изграден уште во 19тиот век.

Пред речиси 2 години, Стопанска банка а.д. Битола целосно ја ребрендираше експозитурата во оваа зграда и истовремено зачувувајќи ја целата значајна вредност и историја која со себе ја носи и сведочи ова место, на своите клиенти во оваа експозитура, им обезбеди поинакво, модерно и современо искуство.