Љубител сум на цитати и мудри мисли кои ме тераат да навлезам во длабочината, суштината на нивното значење, и да отидам чекор понатаму наоѓајќи им примена денес. Една таква мисла која деновиве ме поттикна на размислување вели: „ Силни сме само онолку колку што е силна нашата најслаба алка”. Импликацијата на истата може да е во сите сфери на битисување во Македонија, но, јас ќе се задржам на мојот домен, економијата.

Пандемијата предизвикана од ковид 19, покрај тоа што предизвика здравствено – економски шокови во светски размери, дополнително ни ги покажа сите (не)функционалности на системите и институциите. За жал силни страни речиси и да не може да се видат, но затоа силно блеснаа лошата координација меѓу институциите, застарени системи, континуирано конфронтирање, не реално фаворизирање, поради што и по повеќе од шест месеци не може да се справиме со земјотресот во стопанството.

Не треба да сме многу економски писмени, за да заклучиме дека најслабата алка во стопанството во услови на криза се микро и малите претпријатија, кои колку и да можеа досега да се борат со сите предизвици поставени пред нив, во поглед на обезбедување минимум средства за да се одржат во живот, а патем и да ги зачуваат сите работни места, од ден на ден многумина од нив се спремаат да потпишат капитулација. Како сопственик на микро компанија и сметководител на многу такви, секојдневно се соочувам со вакви приказни без среќен крај.

Но, она што изгледа не сме го научиле досега како држава, е дека најслабата алка треба да биде најсилна, бидејќи таа го носи стопанството и нејзиното кршење значи и кинење на синџирот. Микро и малите претпријатија се основни чинители на македонското стопанство кои вработуваат над 80% од вработените во приватниот сектор, и нивното уништување значи и уништување на цела држава. Досегашната помош и поддршка, ниту беше доволна, ниту пак беше фер и безрезервна.

И наместо да и погледнеме на вистината во очи, кај нас најслаба алка која години наназад „има” потреба од зајакнување (претежно финансиско) и безрезервно го добива, се политичарите, олигархијата, а од скоро и етничката припадност на поединци!! Целосно занемарувајќи ги и потценувајќи ги личните квалитети и квалификации на поединци и фирми како критериуми за селекција, етничката припадност е онаа која ќе биде пресудна за добивање субвенции. Ќе цитирам еден колега, кој прашува: „Го достигнавме врвот на дното, или има уште до крај?”.

Со нетрпение го очекувам најавениот четврт сет економски мерки за спас на економијата, каде се надевам дека фокусот овој пат навистина ќе биде во безрезервна и безусловна поддршка за најпогодените, и едноставен пристап до истата. Се надевам дека оние кои се одговорни за креирање на мерките ќе ги остават на страна личните интереси на поединци и ќе се посветат на вистинската најслаба алка во синџирот. Се надевам и дека иако среде пандемија, конечно ќе почнеме да слушаме и за приказни со среќен крај.

Но, водена од минатото, истовремено се плашам да не е всушност Годо оној што го чекаме. Ќе добиеме ли исполнување на ветувањето за работа и подобар живот, преку таргетирани економски мерки, или пак ќе се поистоветиме со ликовите Естрагон и Владимир, чие главно дејствие во оваа антидрама им е празнината на чекањето на нешто што нема да дојде.

ПРЕКУАлександра Андреева
ПРЕТХОДНА ВЕСТЌе го отплеткаме Гордиевиот јазол ….
СЛЕДНА ВЕСТВо Битолската Банка се тргувало како на Wall Street