Повеќе од шест месеци светот се соочува со здравствено – економска криза предизвикана од пандемијата од ковид – 19. Светски сили се доведени на колена, економски гиганти најавуваат отпуштање на вработени и/или целосен банкрот. Лидерите од целиот свет се ставени на тест за менаџирање на сите аспекти од нашето живеење и брзо адаптирање на новата нормалност, како што неретко милуваат да ја наречат. И додека гледаме примери од соседството за успешно справување со ударот кој го претрпе стопанството, ние решаваме ребуси за добивање помош. Три сета мерки кои се донесоа и спроведоа, беа далеку од доволни, во поглед на обем, но и во поглед на едноставност и достапност до истите од страна на најпогодените. Наместо конкретна и директна помош, денови и ноќи поминавме во толкување на недоречени уредби и нивни постојани измени.

И не би ги спомнувал мерките кои веќе завршија, доколку ситуацијата беше стабилизирана, но кај нас неизвесноста од ден на ден се повеќе се зголемува и агонијата продолжува. Многу од најпогодените сектори се уште бараат и трпеливо чекаат протоколи за почнување работа, но за жал кај нас фокусот наместо во зачувување на она што преостана од економијата, (не)свесно е ставен на продлабочување на класни и етнички поделби.

Под превезот на грижа за наменско трошење на доделените средства за поддршка, микро претпријатија беа јавно линчувани. Останатите кои и без да го приграбат најголемиот дел од колачот наречен државна поддршка беа на врвот на пирамидата, беа заштитени од јавна објава поради „даночна тајна”. Јазот меѓу сиромашните и олигархијата кој и онака беше длабок, со оваа криза и мерките скроени „по мерка” за мала привилегирана група на луѓе уште повеќе се зголеми.

Но, за да не е се така едноставно, поделбата не завршува тука. Последниве денови во медиумите беа пласирани изјави од актуелни политичари, кои одбраа почетокот на својот мандат да го одбележат со селективност и пристрасност во водењето на своите ресори. Додека во сите учебници економијата се опишува како наука која што се занимава со производството, распределбата, размената и потрошувачката на ресурсите и богатството, кај нас преќутно се дополнува оваа дефиниција, дека распределбата се врши според етничка припадност. Не според квалитет на конкретната компанија или поединец, ниту според образование и/или останати потребни квалификации, туку исклучиво според погоренаведеното.

Во очекување на вториот бран од кризата, иако кај нас ни првиот не заврши, компании со месеци затворени или со ограничено работење стравуваат дали и како ќе ја дочекаат зимата. Заштедите се потрошени, ресурсите исцрпени, а давачките и трошоците продолжуваат во континуитет. Најавениот четврт сет мерки и тоа како треба да се разликува од претходните. Да се разликува по опфатноста, едноставноста и неселективниот пристап. Итни и таргетирани мерки, скроени по детална анализа на терен за вистинските потреби на стопанството се она што ни треба. Неекономски мерки и комплицирани процедури за добивање државна поддршка само дополнително ќе ја потонат и онака кревката економија.

Ресурсите се ограничени, но токму во нивната правична распределба се гледа големината на светските економски лидери. Дали научени од грешките ќе го отплеткаме Гордиевиот јазол во кој се наоѓаме, или обидувајќи се ќе се обесиме, останува да видиме.

ПРЕКУДраган Митковски, потпретседател на Сојузот на стопански комори на Македонија
ПРЕТХОДНА ВЕСТ„Белите мечки” се даночна тајна, а оние кои го полнат буџетот без причина на тапет
СЛЕДНА ВЕСТКоја е најслабата алка?