Во државата до завчера вкупно се вакцинирале 239.283 граѓани, а само во вторникот биле аплицирани 15.155 вакцини. Според вчерашните податоци на Институтот за јавно здравје, три града во земјава – Демир Капија, Пехчево и Дојран, немаат ниту еден активен случај на Ковид-19, а во Дебар и Валандово има само по еден.
Бројот на лица кои досега изразиле желба за вакцинација преку веб-платформата vakcinacija.mk е 436.072 граѓани, информираат од Министерството за здравство.
Во државата вкупно се аплицирани 346.931 дози вакцини, а ревакцинирани се 107.648 граѓани.
Една доза примиле 47 отсто од населението над 70 години, а 41 процент кај лицата над 65.
– Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб-страницата vakcinacija.mk, а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура, велат од Министерството за здравство.
Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 Арената СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.
Во насока на подигнување на свеста за потребата од вакцинација, вчера во Прилеп, невладината „Станица П.Е.Т.“ спроведе креативна акција насловена „Информирај се, пријави се и вакцинирај се!“.
Од оваа главна креативна акција се очекува да произлезат помали акции во ромската населба „Тризла“, како и руралните места во кои граѓаните имаат потреба од дигитална поддршка за обезбедување термин за вакцинација. Акцијата нуди и дополнителни вистинити информации преку кои би се ослободиле од лажните вести поврзани со вакцинацијата што постојано се шират по социјалните мрежи.