Од денеска граѓаните ќе можат да се движат без маски на отворено, ќе се дозволи организирање свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси до максимум 100 лица, а ќе биде дозволено и присуство на публика на спортски натпревари што се одржуваат на отворено до 30 проценти од вкупниот капацитет на посетители. Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека иако епидемијата спласнува, граѓаните да останат внимателни.
Ова се дел од препораките на Комисијата за заразни болести за олабавување на мерките, кои вчера беа прифатени од Главниот координативен Ковид-19 кризен штаб на Владата. Тие треба да важат од денеска. Владината прес-служба соопшти дека Штабот ги разгледал и потврдил препораките на Комисијата и ги предлага на конечно усвојување на денешната Владина седница.
Препораките се прифатени по исцрпна дискусија и имајќи ја предвид поволната епидемиолошка состојба со Ковид-19 во државата сега, која се карактеризира со намалување на 14-дневна инциденца (бројот на новонастанати случаи) на позитивни случаи, намалување на позитивни тестови за Ковид-19 во однос на вкупен број тестирани лица, намалување на бројот на активни случаи и бројот на хоспитализации.
За олабавување на сегашните рестриктивни мерки, предложени се седум препораки – укинување на мерката носење заштитна маска на отворено со препорака за носење маска кога лицата се во поголема група. Останува на важност мерката за задолжително носење заштитна маска во јавен превоз, такси-превоз и во сите затворени простори.
Натаму, присуство на публика на спортски натпревари што се одржуваат на отворено до 30 проценти од вкупниот капацитет на посетители, со задолжително почитување растојание помеѓу посетителите од 1,5- до 2 метра (три седишта) и со доследно применување на мерките за заштита од Ковид-19. Се укинува мерката за забрана за групирање на јавен простор на не повеќе од четири лица.