Владата го менува Законот за јавни набавки на земјава, а измените ќе одат по скратена постапка.
Клучната новина ќе биде што надлежниот државен орган кој ќе набавува вакцини и ќе го склучува Договорот за јавна набавка, ќе може да плати и аванс поголем од 20 отсто на производителот, без притоа да мора да обезбеди банкарска гаранција.
Главна причина за ова е вакцината на компанијата Фајзер, за која земјава веќе склучи договор за нејзина набавка во количина од 800.000 дози, но можеби и вакцини на други компании, со кои исто би направиле договор за набавка на вакцини за имунизација на населението.
Тоа не можеше да се направи без овие законски измени.
Како што е познато, сегашниот Законот за јавни набавки на земјава почна да се применува од 1 април 2019 година. Тој претходно се „крчкаше“ долг период, со цел да се донесе модерен и европски закон, а својот став го кажаа и сите бизнис асоцијаци, но и сите други засегнати страни.
Од Владата, која ги предлага законските измени, признаваат дека сегашниот нов закон е добар, како и дека неговата примена доведе до зајакната контрола и поедноставни постапки кои го намалија просторот за злоупотреби во трошењето на јавните средства, од една страна, но и со полесен и поефикасен процес на вршењето на јавни набавки, од друга страна.
Сепак, велат оттаму, состојбите со пандемијата со коронавирусот во 2020 година создадоа бројни предизвици, вклучително и во системот на јавните набавки. Иако законот предвидува механизми за вршење на јавните набавки во вакви вонредни околности, пандемијата доведе до големи нарушувања на глобалниот пазар, а со тоа и нарушување на понудата и побарувачката на средствата кои се директно поврзани со мерките за справување со пандемијата.
„Одредени одредби кои се вообичаени при нормално функционирање на пазарот на јавни набавки во овие околности создаваат потешкотии и неможност за задоволување на потребите. Тоа особено е евидентно при набавката на вакцини против КОВИД-19, при што Република Северна Македонија мора да ги искористи сите можни канали за снабдување, вклучително и директни контакти со производителите. Во овие услови, одредбите кои се предмет на дополнување не може да се применат и потребно е да се предвиди флексибилност во делот на исплата на аванс, согласно со воспоставената практика на производителите на вакцините на глобално ниво“, се вели во владиното образложение.
А, еве што говори клучната новина која ќе биде додадена на Законот за јавни набавки.
„…..Договорниот орган од класичниот јавен сектор може да предвиди аванс поголем од 20 отсто од вредноста на договорот без обврска за обезбедување банкарска гаранција за авансно плаќање од носителот на набавката во постапките за јавни набавки кои се директно поврзани со справувањето со пандемии или епидемии на заразни болести“, се вели во членот кој се додава во законот.
Односно, со овој член ќе се овозможи исплата на аванс поголем од 20 отсто од вредноста на договорот и ослободување од обврската за обезбедување гаранција за авансно плаќање и тоа ќе важи за постапките за јавни набавки кои се директно поврзани со мерките за справување со пандемии или епидемии на заразни болести.
Инаку, на 4 јануари годинава, министерот за здравство Венко Филипче објави дека токму тој ден утрото бил дефиниран договорот со фармацевстскиот производител Фајзер, од кого Македонија ќе добие 800.000 вакцини против Ковид 19.
„Министерот за здравство д-р Венко Филипче, во директни преговори со овој производител, обезбеди вакцини за цела 2021 година. Договорот беше дефиниран утрово во телефонски разговор на министерот Филипче и висок претставник на компанијата прозиводител на вакцини против Ковид 19. Првите 5.850 дози вакцини на Фајзер ќе стигнат во февраури, потоа ќе следува пратка со поголема количина во март, април, а динамиката за цела 2021 година дополнително ќе се утврди“, наведоа тогаш од Министерството за здравство.
Целиот текст може да го прочитате на: https://faktor.mk/vladata-go-menuva-zakonot-za-javni-nabavki—za-vakcini-moze-da-se-isplati-avans-i-pogolem-od-20-otsto-bez-bankarska-garancija?fbclid=IwAR2sztCt5PGhpIo159bsGCHnYQAGRZ4bpCSJH8rTmqsfocUyTYcszgnCq64