Троцифрените бројки на заразени со корона по два и пол месеци се вратија во здравствените билтени.
КОВИД центрите повторно се активираат. На се поголем број луѓе им е неопходно болничко лекување.
Во Тетово и натаму е најкритично. Вчера 26 а денес 32 пациенти се хоспитализирани, вели за Канал 5 доктор Гзим Нуредини од тетовската болница. Речиси сите се на кислородна поддршка. Хоспитализираните се на возраст од 31 до 80 години – со проблеми со срцето, респираторни и бубрежни заболувања и прекумерна телесна тежина.
„Триесет пациенти се на кислородна поддршка, сите се со хронични болести. Од нив, има три комплетно вакцинирани и три со една примена доза. Што се однесува до амбулантските прегледи и тука имаме зголемување, вчера имавме 53 прегледи, вели Гзим Нуредини, координатор на КОВИД центар – Тетово.
Модуларната болница е повторно ставена во функција како и неколку други оддели. Нуредини стравува дека ако продолжи напливот на пациенти ќе се повтори сценариото од претходниот бран кога недостасуваше медицински кадар. Затоа апелира населението да се вакцинира.
„Модуларната болница ни е отворена така што за кревети не е апсолутно проблем. Проблем ќе биде ако се зголеми бројот на пациенти ќе треба кадарот одново да се реорганизира. Секако е мал бројот на вакцинирани. Треба да се мотивираат луѓето и да апелираме што побрзо да се вакцинираат бидејќи сега сме во новиот бран од оваа пандемија“, вели Гзим Нуредини, координатор на КОВИД центар – Тетово.
Тетово е еден од градовите со најмал процент на имунизирано население. Води по бројот на активни случаи, пред Скопје и Гостивар. Досега во земјава две дози вакцина примиле речиси 410.000 граѓани.