Регрес за годишен одмор ќе добијат околу 27.000 вработени во администрацијата кои се членови на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ).

Вработените во телата на државната и на локалната власт и други установи ќе добијат по најмалку 9.000 денари К-15. Владата веќе издвои пари за таа намена во ребалансот на буџетот за 2021 година во износ од 4 милиони евра.

К-15 ќе добијат околу 27.000 вработени кои се членови на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ). Или, поточно, по 150 евра ќе легнат на сметките на државните и јавните службеници во министерствата, Владата, Собранието, потоа на вработените во фондовите (ФЗО и ПИОМ), Управата за јавни приходи, Државниот завод за статистика, Агенција за катастар на недвижности, Државниот архив, Агенцијата за вработување, управните органи, во општините, Град Скопје и скопските општини, како и во правосудните органи, јавните обвинителства, казнено поправните, воспитно поправните установи и во центрите за социјални работи.

Од УПОЗ велат дека Гранскиот колективен договор потпишан во 2019 година има сила на закон и доколку не се исплати К-15 кој е дел од Договорот, работниците можат да тужат, а синдикатот ќе ги застапува.

– Износот на исплатениот регрес не може да биде понизок од 9.000 денари, но на ниво на работодавец и доколку има можност може да се договори и повисок износ на К-15 – вели Пецо Грујовски, претседател на синдикатот на УПОЗ.

ПРЕТХОДНА ВЕСТГраѓаните се радуваат на доаѓањето на ,,Лидл”, сопствениците на локални маркети стравуваат!
СЛЕДНА ВЕСТМатурантите ќе го полагаат вториот екстерен испит