Европската иднина на Северна Македонија има перспектива и двете држави треба да работат со уште поголема доверба и дијалог, кој треба да се води меѓу рамноправни соговорници, без потценување, со меѓусебна почит за да се постигне напредок и прогрес, порачаа вчера од Рим македонскиот и бугарскиот претседател Стево Пендаровски и Румен Радев. Потребата од дијалог меѓу двете земји и изнаоѓање заемно прифатливи решенија.беше потенцирана и во телефонски разговор меѓу премиерите на Северна Македонија и Бугарија, Зоран Заев и Стефан Јанев.
– Тоа што сме денеска заедно со Радев не е случајно. Сакаме да покажеме дека и на Балканот има луѓе, политичари кои може да зборуваат со европски јазик, за предизвиците, но и за иднината. Во Радев најдов соговорник со кој можам да зборувам на ист јазик, европскиот, што може да донесе посветла иднина за нашите две земји, истакна Пендаровски во Рим.
Тој нагласи дека заедничкото чествување на Кирил и Методиј е нова динамика во билатералните односи, со што се надминуваат националните и религиозните граници и изрази надеж дека во годините и месеците што се пред нас стојат многу подобри денови и пред Северна Македонија и пред Бугарија.
Радев пак нагласи дека Бугарија е подготовена да работи на изградба на мостови меѓу двете држави за развој на економските, трговските, образовните, културните врски и за зближување меѓу луѓето.
– Исклучително силна порака е што од ова свето место базиликата „Санта Марија Маџоре“ претседателите на Бугарија и Северна Македонија испраќаат јасна порака кон нашите граѓани за соработка, доверба и пријателство. Таа порака е многу силна, рече Радев.