Соединетите Американски Држави и Германија наредните денови ќе објават договор за решавање на долгогодишниот спор за гасоводот „Северен поток 2“, вреден 11 милијарди долари.
На минатонеделниот состанок, американскиот претседател Џо Бајден и германската канцеларка Ангела Меркел не успеаја да ги решат несогласувањата околу подводниот гасовод, кој од дното на Балтичко море би требало да испорача 55 милијарди кубни метри гас од руските наоѓалишта, но се согласија дека не смее да и се дозволи на Москва енергијата да ја користи како оружје.против своите соседи.

Како што пренесуваат странските агенции, договорот сега е на повидок, по разговорите меѓу американските и германските власти во врска со загриженоста на САД дека гасоводот, кој е 98 отсто завршен, ќе ја зголеми зависноста на Европа од рускиот гас и ќе и ги одземе на Украина големите транзитни такси што сега ги собира за рускиот гас кој се пумпа преку постоечкиот гасовод и се испраќа во Европа.

Детали за договорот не се достапни, но некои извори велат дека тој ќе вклучува обврски за двете страни за зголемување на инвестициите во украинскиот енергетски сектор за да се надоместат сите негативни последици од новиот гасовод за земјата.

Уште во мај, американскиот претседател Џо Бајден одлучи да ги укине санкциите против „Северен поток 2“, со објаснување дека проектот е при крај и дека продолжувањето на санкциите може да им наштети на односите на САД со Европа.

На минатонеделниот состанок со германската канцеларка Ангела Меркел, Бајден ја повтори загриженоста во врска со изградбата на гасоводот „Северен поток 2“.
САД сакаат Германија да најде начини да се осигура дека Русија не може да го користи гасоводот за да и наштети на Украина или на другите сојузници во Источна Европа.
Русија, од друга страна, посочува дека „Северен поток 2“ е чисто комерцијален проект и не е политички обоен и насочен против интересите на која било земја.