Како и обично во пресрет на избори, како полжави после дожд се појавуваат бројни “витези” кои колнејќи се во својата чест и достоинство ни ветуваат дека за нас ќе препливаат 7 мориња, ќе се искачат преку 7 планини, ќе не избават од камшикарите, ќе се соочат со ламјата и еден убав сончев ден ќе живееме во земја каде ќе тече мед и млеко. Но, тука остануваме, на “ќе”.
Едно од таквите ветувања деновиве е висината на просечната и/или минималната плата. Еден вика достигнавме 500 евра просечна плата, друг вика ние ќе ја направиме 750 евра просечната, за потоа првиот со уште поголем залет да вети 750 евра нето плата. За просечна плата се пишувало и претходно, дека воопшто не ја отсликува реалноста, бидејќи разликата меѓу највисоките и најниските плати е болна и недостижна. Зголемувањето на просечната плата воопшто не значи по автоматизам дека се подобрил стандардот. Напротив, ова најчесто кај нас е резултат на зголемување на и онака големите плати, или, за жал полошата варијанта – отпуштање на работниците кои биле на минимална плата.
Но, за оние што ветуваат за неколку месеци минимална нето плата од 750 евра, не можам а да не се запрашам во која нереална бајка живеат. Очигледно е убава, барем за нив. За нас обичните смртници кои ја живееме реалноста ова ветување е само уште еден обид за грубо исмевање со трудот, интелигенцијата и околностите во секојдневието кои ги чувствуваме на сопствена кожа години наназад.
Неизбежно е да забележам дека овие лажни витези одамна не поминале време во реален сектор (ако воопшто и биле некогаш дел од тој сектор), да ја заработат платата или да обезбедат за да ја исплатат. Затоа, би им упатила отворена покана да поминат неколку дена кај мене на работа. Така ќе дојдат во допир со сите микро и мали претпријатија, кои едвај собираат средства за да исплатат минимална плата бидејќи секојдневно се борат со нефункционални институции, закони кои важат само кога треба да се наметнат нови даноци, давачки и рокови, а не и кога треба да ги заштитат од нелојална конкуренција. Во директниот контакт политичарите ќе ги слушнат проблемите на сите кои лавовски се борат со многукратно зголемени трошоци и намалените приходи, само за да обезбедат гола егзистенција за себе и за својата фамилија. Ако неколку дена поминат во реалниот сектор ќе се потсетат и дека веќе многупати досега ги дадоа истите ветувања.
Ветената земја веќе претходно ни беше на дофат, се до моментот кога “витезот” седна во својот нов престол. Тогаш заборави се и ѝ се приклучи кон двоглавата ламја. За ветувањата на витезот останаа да сведочат само горчливиот вкус на предавството и испишаните пораки. Но, легендата вели дека како што наближува денот за да му се даде повторна доверба, витезот ќе се потсети на сите ветувања. Но, овој пат тој ќе биде заборавен. Зашто, како и во секоја бајка, така и во оваа, на крај правдата ќе победи.
Автор: Александра Андреева