Поплава од гнев и разочарување, остри реакции и соопштенија, како и говор на омраза, но и загриженост потече во Македонија по веста дека завчера Бугарија стави вето на преговарачката рамка за членство во ЕУ затоа што Европската комисија не дозволи во рамката да бидат вметнати бугарските барања кон нашата земја меѓу кои и за признавање на бугарското потекло на македонската нација и јазик.

Во јавноста се изнесоа разни ставови, од барање за прекин на евроинтеграцијата заради лицемерие на ЕУ, барање на нови алтернативни сојузи за иднината, оставка на премиерот Зоран Заев, до итни реформи дома „заради самите нас, без разлика дали Европа нѐ сака или не“.

Премиерот Заев веднаш објасни дека не планира да даде оставка и дека нема други алтернативи за Македонија освен членството во ЕУ и нагласи дека до крајот на годината, додека трае германското претседателство со Унијата, се уште има шанси да се усвои преговарачката рамка.

– Немаме алтернатива и ќе продолжиме кон ЕУ. Треба да продолжиме да правиме напори во духот на градење пријателство, не конфликти. Мене ми паѓа многу тешко, затоа што верувам дека тоа не е желба на бугарскиот народ и на премиерот Бојко Борисов, туку се политики во пресрет на избори. Да им дадеме шанса на деновите пред нас, постојат уште можности – рече Заев за ТВ21.

Заев: Шанса за дијалогот, не се откажуваме

Според Заев, македонскиот јазик и национален идентитет не може да бидат предмет на преговори, затоа што правото на самоопределување е гарантирано со Повелбата на ОН и со Лисабонскиот договор, кој е уставна основа на ЕУ.

– Бугарија е свесна за реалноста заради тоа што Република Северна Македонија, македонскиот народ и македонскиот јазик се непобитен факт и тие знаат дека ЕУ ова го третира како европска вредност. Европа не може да помине преку тоа, затоа што ваквите билатерални прашања ќе станат правило и тоа е недозволиво за ЕУ. Ни требаат трезвени глави и мудри лидери кои ќе дадат шанса на дијалогот, а не на конфликтот. Моја должност е да не се откажуваме и да стигнеме до решение затоа што нашиот народ очекува да најдам решение – рече премиерот Заев и додаде дека разговорите со Бугарија продолжуваат.

Премиерот потврди дека Македонија е подготвена да изјави дека нема територијални претензии и нема официјално да го поддржува македонското малцинство во Бугарија, а Бугарија исто овде нема да ги поддржува оние што се сметаат за Бугари. Во врска со македонскиот јазик најави дека е согласен во билатерална изјава да стои формулацијата „македонски јазик согласно со Уставот на РСМ и бугарски јазик согласно со Уставот на РБ“, но тоа не може да се однесува во ЕУ, затоа што тоа никој во Македонија нема да го прифати. Премиерот апелираше граѓаните да не бидат разочарани и да нема говор на омраза кон бугарскиот народ.

Германскиот министер за Европа Михаил Рот, веднаш по бугарската блокада порача дека ЕУ ќе продолжи да помага за да се надмине спорот помеѓу Скопје и Софија и до крајот на оваа година да се усвои преговарачката рамка.

– Во наредните денови или недели сигурно ќе се обидеме да го испратиме овој важен сигнал до Западниот Балкан, тоа ќе зависи од волјата на двете страни да се усогласат, не е сѐ само во наши раце – рече Рот и изрази задоволство што Бугарија и Македонија продолжуваат да разговараат.

И потпретседателот на ЕК Марош Шефчович потврди дека ЕУ не се откажува од решение до крајот на годинава.

– Важно е да се удвојат напорите за решавање на споровите и да се изнајде договор. Сакаме одржување на првата Меѓувладина конференција што е можно побргу – рече Шефчович.

Бугарија собра лавина осуди

Бугарската блокада освен во Македонија, предизвика силни реакции во Бугарија, но и во цела Европа. Со остар коментар се јави поранешниот амбасадор на Германија, Гералд Кнаус, кој порача дека барањата на Бугарија се дрзок, ненаучен, нереален и лесно проѕирен внатрешнополитички мотивиран потег.

– Бугарскиот премиер Бојко Борисов и неговата политичка елита треба повеќе да се погрижат за тоа конечно да си ги завршат домашните задачи во борбата против корупцијата и криминалот – вели Кнаус.

Според аналитичарот и професор Димитар Бечев, ставањето на историски прашања во центарот на односите меѓу две држави и инсистирање на Бугарија дека Македонците се заблудени Бугари, се покажало како рецепт за катастрофа.

– Но завчерашното блокирање не е крај на приказната. Разговорите ќе продолжат и притисокот од Берлин ќе се зголемува. По изборите во Бугарија во март 2021 година и неизбежната реконструкција на владината коалиција, можеби ќе има поголем простор за маневрирање. Дали дотогаш Заев ќе биде на таа позиција во Скопје е отворено прашање. Во меѓувреме, национализмот и бесот ќе се разгорат. За ова Бугарија ќе ја сноси главната одговорност – вели  Бечев.

Професорот Бојко Пенчев напиша дека освен што е морална неодбранлива, сопката од Бугарија за Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ е геополитички глупава.

– Бугарија со блокадата е на пат да направи капитална политичка грешка со историски последици. Не можејќи да се справи со растечката епидемија, исплашена од кенкавите и неспособни, но инаку дрски протести, владата се обидува да покаже мускули барем на темата Македонија. Предавство на бугарските национални интереси е да се работи Северна Македонија да остане поделена држава, оставена надвор од ЕУ, распарчена од секакви конфликти и со право да обвинува дека Бугарија е виновна за сето ова – предупредува Пенчев.

Следниот состанок на Советот за општи работи на ЕУ на кој може да се очекува одлука за усвојување на преговарачката рамка е на 8 декември.