Во наредниот период во Битола и околните општини Новаци и Могила ќе бидат инвестирани 350 милиони евра во енергетиката и екологијата, најави првиот човек на управниот одбор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски. Тој кажа дека Владата пред неколку дена објавила план за инвестиции до 2027 година во вредност од осум милијарди и 175 милиони евра. Од нив, 3 милијарди 144 милиони евра биле планирани во секторот енергетика и голем дел од тие проекти ќе ги спровел АД ЕСМ.
– Инвестициите во РЕК „Битола“ во следниот период се во рамките на предвидената енергетска трансформација на комбинатот и движењето кон зеленото сценарио. Тука спаѓаат изградбата на когенеративната гасна електроцентрала со моќност од 200 до 400 мегавати, која ќе се користи и за производство на електрична енергија, како и за топлификација на Битола и која ќе биде супституција за два од блоковите на РЕК „Битола“. Вредноста на инвестицијата во првата фаза ќе изнесува околу 100 милиони евра, односно вкупно 200 милиони евра. Во состав на РЕК „Битола“ ќе се градат и фотонапонски електроцентрали, кои исто така се влезени во интервентниот план за инвестиции, затоа што зелената енергија е составен и исклучително важен дел од нашиот концепт за вложување во енергетиката. На почетокот ќе бидат изградени 2 фотонапонски електроцентрали од по 10 мегавати и една фотонапонска електроцентрала од 40 мегавати. Овие капацитети ќе бидат во целосна сопственост на АД ЕСМ, односно на државата – рече тој.

Планирано било дополнително да се гради уште еден капацитет од 100 мегавати односно две фотонапонски електроцентрали од по 50 мегавати и тие ќе биле изградени преку принципот на јавно-приватно партнерство, односно ќе барале приватни партнери како што е тоа сега случај во РЕК „Осломеј“, каде што сме пред потпишување договор со компании од Турција и од Бугарија.
– Овие 160 мегавати фотонапонски електроцентрали ќе бидат со вредност од околу 110 милиони евра. Друг значаен проект за градот Битола и околните населени места Новаци и Могила, кои гравитираат кон РЕК „Битола“ е топловодната мрежа, чија вредност е околу 35 милиони евра. Можам да кажам дека проектот е пред избор на изведувач, очекуваме до крајот на месецот да потпишеме договор со избрана фирма и во текот на летото, а најдоцна есента топловодната мрежа да почне да се развива. Овие три проекти, гасната електроцентрала, фотонапонските електроцентрали и топлификација Битола, ќе бидат инвестиција во вкупна вредност од 350 милиони евра од страна на АД ЕСМ и на државата за Битола и за регионот, во делот за екологијата и енергетиката – рече Ковачевски.
Целта на сите овие проекти била да се засили енергетската трансформација, која е во тек и за која имаме највисоки оцени како држава од страна на европската енергетска заедница и да се вложи во обновливи извори на енергија низ државата, но и во регионот, и на тој начин да се обезбедат потребните количества електрична енергија за потрошувачите на начини што сѐ помалку ќе загадуваат и ќе бидат сѐ повеќе одржливи и одговорни кон околината.