Францускиот регулатор за конкуренција го казни „Гугл“ со 220 милиони евра, откако беше откриено дека компанијата ја злоупотребила својата доминантна позиција на пазарот на интернет-реклами, пренесува АФП. Ова е еден во низата европски потези за заземање поостар став кон американските технолошки гиганти.

Казната е дел од спогодбата постигната откако три медиумски групации – „Њуз корп“, францускиот дневен весник „Фигаро“ и белгискиот „Груп Росел“ го обвинија „Гугл“ за монопол во продажбата на реклами преку интернет. Францускиот регулатор откри дека „Гугл“ обезбедил повластен третман за сопствената услуга за рекламирање „Ад-икс“ (AdX) и платформата „Дабл клик ад ексчејнџ“ (Doubleclick Ad Exchange), платформа за аукции во реално време.

Откриено е дека клиентите што се обидуваат да пласираат реклами на веб-страници или мобилни апликации користејќи конкурентни платформи, често плаќаат повеќе од оние што ги користат овие две услуги на „Гугл“, откако тие се прегрупирале под „Гугл ад менаџер“ (Google Ad Manager).

Тие наведуваат дека „Гугл ад менаџер“, платформата на „Гугл“ за управување со реклами за големи издавачи, го фаворизира „Ад-икс“, каде што издавачите им продаваат простор за реклами на огласувачите во реално време. Тоа го правеле особено со давање стратешки податоци на „Ад-икс“, како што се победничките цени на аукциите.

ПРЕТХОДНА ВЕСТТрошоците за живот за 3 отсто повисоки од лани
СЛЕДНА ВЕСТКовачевски: Ќе се инвестираат 350 милиони евра во енергетиката и екологијата