„Тесла“ го отвора својот прв продажен салон во Загреб. Откако „Тесла Моторс“ ја отвори својата прва поп-ап продавница, односно изложбен салон во ноември минатата година, во трговскиот центар Авенија Мол во Загреб, сега ќе го отвори својот прв продажен салон во Загреб, пишува Јутарњи лист.
Американската компанија досега нема објавено никакви информации за тоа. Меѓутоа, во салонскиот простор како дел од некогаш највисокиот облакодер во Загреб, работата е во полн ек, а на локацијата има две нови станици за полнење на „Тесла“ и постер на компанијата.
Саша Цветоевиќ, сопственик на првото возило „Тесла“ во Хрватска и најдобро запознат со бизнисот на американскиот производител на електрични возила, ја потврди оваа информација за Јутарњи лист.
„Вистина е дека ‘Тесла Моторс’ планира наскоро да ја отвори првата продавница во Хрватска, во Загребчанка во Загреб. Постерот е веќе на ѕидот, поставени се и два полначи, внатрешното уредување е во полн ек и очигледно првата продавница на ‘Тесла’ во Хрватска би можела да се отвори кон крајот на септември и почетокот на октомври“, вели Цветојевиќ.
Тој објаснува дека тоа ќе биде проажен салон како што компанијата има во други земји.
„Ќе биде доста голем, и тоа е добро познат простор за изложување возила бидејќи се користеше како салон за автомобили за други брендови“, вели Цветојевиќ.
Тој наведува дека компанијата не објавува податоци за продажбата на локалниот пазар. Исклучок, сепак, беше јуни, за кој „Тесла“ објави дека продала 111 од своите возила во Хрватска.
„Познато е дека продажбата во времето на стимулацијата беше многу добра. Се уште може да се види дека шлепери со возила на ‘Тесла’ доаѓаат во Хрватска, а така ќе биде уште некое време. Електричните возила се продаваат помалку кога нема стимули, па така е и со ‘Тесла’“, вели Цветојевиќ.