Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) донесе одлука, со која сметките за електрична енергија на универзалниот снабдувач ЕВН ХОМЕ незначително ќе се намалат, со примена на измените на законот, со кои ДДВ за електрична енергија ќе се намали од 18 на 5 проценти.

Ова вчера го соопштија од Регулаторната комисија за енергетика, од каде што посочија дека по одржаната главна седница, регулаторите одобрија регулиран максимален приход и цени на пресметковните елементи за вршење на енергетската дејност снабдување со електрична енергија на потрошувачите што ги снабдува универзалниот снабдувач ЕВН ХОМЕ ДОО Скопје.

– Евтината тарифа останува во сила во дневните и во ноќните интервали како и досега, а сметките за електрична енергија практично ќе останат непроменети со носење на законот, со кој ќе се намали ДДВ за електричната енергија – изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Како што објаснија од РКЕ, со донесената одлука се гарантираат сигурност и стабилност во испораката на електрична енергија. Укажаа дека од побараните 50 денари на 1.000 денари сметка за електрична енергија од страна на сите енергетски компании што ги регулираат, одобрени се шест денари. Наедно, регулаторите посочија дека на преостанатите елементи во крајната цена РКЕ нема влијание, а тоа се: увозот на струјата, кој во првите шест месеци изнесувал 32 милиони евра, маржата на ЕВН ХОМЕ, трошокот за обновливи извори, кој е зголемен за 1,5 милион евра, цената на ЕСМ, која во просек во однос на минатата година е зголемена за 2,5 отсто.
– Намалувањето на ДДВ е добро решение, но неопходeн е системски одговор, да се прошири опфатот на ранливи категории што ќе добиваат субвенции за сметките за електрична енергија – дополни Бислимоски.

Новата цена за електричната енергија ќе почне да се применува од први август оваа година. Во меѓувреме, во согласност со најавите од Владата, ДДВ на струјата би требало да се намали од 18 на 5 проценти, откако ќе биде изгласан законот во Собранието. Според најавите на надлежните, од следната година ДДВ ќе се зголеми, а од средината на 2024 година повторно ќе се преместува 18 проценти ДДВ.