Кинескиот магнат во бизнисот со минерална вода, Жонг Шаншан го симна основачот на „Алибаба” – Џек Ма од врвот на најбогати луѓе во земјата. Според листата на списанието „Хурун”, неговото богатство се проценува на повеќе од 100 милијарди долари.
Жонг Шаншан (66), сопственик на фирмата „Нонгфу спринг”, лани беше трети на тој список, потсети основачот на списанието Ричард Хогеверф. Заедно со својата „империја” за минерална вода, Жонг го изгради и бизнисот со фармацевтската компанија „Бејжинг Вантаи”.
Компанијата за минерална вода е со седиште во источнокинескиот град Хангжу, како и „Алибаба” – најголемата платформа за интернет-трговија во светот.
Списанието „Хурун”, со седиште во Шангај, секоја година го објавува својот список од најбогати Кинези.