Во фотонапонската електрана во Осломеј од 100 мегавати ќе се инвестира од 70 до 90 милиони евра, откако вчера и официјално беа потпишани договорите меѓу „АД ЕСМ“ од една страна како јавен и „Фортис енержи електрик“ од Турција и со „Солар про“ од Бугарија од друга страна како приватни партнери.

Алтернативниот проект за РЕК Осломеј ќе биде по принципот на јавно-приватно партнерство, а изградбата се очекува да биде функционална до крајот на годината. За премиерот Зоран Заев ова е една од најголемите инвестиции во обновливите извори за производство на електрична енергија во земјава.

-Фотонапонската електрана од 100 мегавати е конципирана како две постројки од по 50 мегавати. Двете компании на јавниот повик имаа најдобри понуди. Тие на ЕСМ ќе му исплаќаат надоместок за јавното-приватно партнерство во износ соодветен на 18 отсто и 18,50 проценти од произведената електрична енергија за час. Пресметките покажуваат дека заработка на државата би се движела до 1,5 милиони евра годишно.

Колку поуспешно ќе работи нашиот приватен партнер толку подобро ќе биде и за нашата држава. Дополнително инвеститорите имаат обврска да земат по еден вработен по мегават, односно 100 вработени од Осломеј за трајно да ги обезбедиме тие наши сограѓани. Тоа само ја потврдува Северна Македонија како одлична дестинација за инвестиции во фотонапонски централи, како и посветеноста на Владата во спроведување на правична енергетска трансформација, изјави Заев.

Фотонапонската електрана ќе биде конципирана како две постројки од 50 мегавати. АД ЕСМ ќе биде јавниот партнер, а директорот Васко Ковачевски рече дека македонската компанија не е должна да финансира ништо.

– Станува збор за 35 годишен договор. Потоа приватниот партнер ќе го пренесе правото на сопственост на јавниот партнер во исправна оперативна погонска состојба. АД ЕСМ нема паричен влог, даваме само локација на стариот рудник, пристапен пат, комплетна анализа и балансирање на енергија како многу важна системска одлука. Приватните партнери се должни да склучат договори со 100 лица наши вработени за вршење на работи од стручната подготовка и квалификации, наведе Ковачевски.

На потпишувањето на договорите присутни беа и сопственикот на „Фортис енержи електрик“ од Турција, Атилла Учкардеш, како и управителот на фирмата „ОСМ Солар-Скопје“, Константин Василев Ненов.

ПРЕТХОДНА ВЕСТХалкбанк се стекна со сертификатот „фер финансиски услуги за потрошувачите”
СЛЕДНА ВЕСТЕУ позајми 20 милијарди евра за закрепнување од пандемијата