Иако до крајот на годинава има уште четири месеци, Синдикатот ги потсети газдите дека треба да исплатат регрес за годишен одмор за своите вработени. Оваа обврска од годинава ќе важи, покрај за работниците во приватниот, и за оние од јавниот сектор.

ССМ уште им укажа на работодавачите дека ако ова се обидат да го избегнат, можат да заработат дури и затворска казна од една година, нагласувајќи дека синдикатот за минатата година веќе поднел и неколку кривични пријави.

Фактор на оваа тема разговараше со директорката на Државниот инспекторат за труд, Јована Тренчевска, која вели дека законска обврска на работодавачите е да го исплатат регресот за годишен одмор до 31 декември годинава.

Тоа значи дека исплатата може да се изврши дури и на последниот ден, односно на 31 декември, со што ќе биде испочитувана законската обврска. Затоа трудовите инспектори контролите ги почнуваат веднаш откако ќе стартува новата година.

„Нашите контроли, за тоа дали е исплатен К 15 во текот на минатата година, почнуваат веднаш по новогодишните празници. Најчесто контролите ги правиме по претставки на работниците – дека не им е исплатен регресот за годишен одмор“, објаснува Тренчевска.

Директорката на ДИТ за Фактор појаснува дека преставките по неисплатен регрес за годишен одмор најчесто се поднесуваат во првите три месеци по истекот на рокот за исплата односно 31 декември во тековната година за која треба да се исплати.

„Во периодот јануари-март 2021 година до Државниот инспекторат за труд поднесени  се вкупно 502 претставки за неисплатен регрес за годишен одмор за 2020 година.

Донесени се 191 решение, од кои 161 опомена и 30 наредби за неисплата на К-15, во периодот јануари-март 2021.

Од страна на работодавачите по 131 решение со опомена е постапено и исплатен е регресот за годишен одмор.  За 30 работодавачи кои не постапиле по решението со опомена при контролен надзор, е донесено решение со наредба. Од донесени 30 решенија  со наредба, по 27 е постапено  во рокот кој е даден во решението и е исплатен регрес за годишен одмор на работниците. По две од донесените решенија  не е постапено и од страна на инспекторот се издадени прекршочни платни налози,  по кои е постапено во рок од 8 дена од издавањето односно е платена утврдената глоба, а едно решение во жалбената постапка е поништено од страна на второстепената комисија и вратено на повторно разгледување и по  истото постапката е сеуште во во тек“, вели Тренчевска за Фактор.

На жалбена постапка, како што објаснува, дел од работодавачите се решаваат со цел да добијат во време. Прво се дава жалба до второстепената комисија, а потоа до Управен суд и до Виш управен суд.

„Факт е дека најголем дел од работодавачите го исплаќаат регресот за годишен одмор откако ќе добијат наредба. Но, дел одат и на жалбени постапки за да добијат во време“, објаснува Тренчевска, додавајќи дека на крајот, сепак, ќе мора да си ја исполнат обврската.

Според директорката, за лани, со оглед што беше пандемиска кризна година, во која голем дел од компаниите работеа со намалена ефикасност, имаше случаеви на склучена спогодба за исплата на намален износ на К15. Односно, претставник на синдикатот, или, пак, ако нема синдикат, претставник на вработените, се договара со работодавачот, согласно колективниот договор, за склучување на спогодба за исплата на намален износ на К 15, односно понизок износ од 40 отсто од основицата, или колку што беше предвиден минимумот, 10.884 денари.

„Согласно оваа спогодба, може на пример, работодавачите да се договориле со синдикатот К15 да изнесува 6.000 денари, а може и 1.000 денари. Во тој случај ние не можеме да реагираме, освен тоа дека таа спогодба мора да е направена согласно колективниот договор. Што значи, битно е да е исплатен тој износ што е договорен во спогодбата“, објаснува Тренчевска.

Инаку, за некои газди кои не исплатуваат К15, работниците или Синдикатот можат да поднесат кривична пријава. Кривична пријава за тие газди може да поднесе и ДИТ. Но, Тренчевска објаснува дерка трудовите инспектори се најмногу насочени кон тоа работодавачите да го исплатат К15.

„И ние согласно законите може да поднесеме кривична пријава, но таа одлука помалку се користи, бидејќи трудовите инспектори се најмногу насочени кон тоа како да се реши проблемот со инспекциска мерка, односно да се принудат работодавачите да го исплатат регресот“, потенцира Тренчевска.

Од ССМ деновиве соопштија дека регресот за годишен одмор им следува на работниците и во приватнио, и во јавниот сектор.

Нагласуваат и дека во голем дел на компании каде што синдикатите здружени во ССМ имаат синдикални организации, работодавачите веќе исплаќаат регрес за годишен одмор во висина и од 100 отсто од основницата.

Пратија јасна порака до работниците и во приватниот, и во јавниот сектор.

 

„На работниците на кои нема да им биде исплатен регресот за годишен одмор им укажуваме дека можат да побараат интервенција преку новата мобилна апликација ССМ – мои работнички права, за да можеме да интервенираме до Државниот инспекторат за труд, или пак да покренат судска постапка за заштита на своите права.Службите за бесплатна правна помош на ССМ во Скопје и во регионалните синдикални претставништва низ државата за своето членство обезбедуваат правна помош и заштита и за ова право од работен однос, а по пријава од ССМ и добро воспоставената соработка со ДИТ, инспекторите веднаш излегуваат на терен и доколку има, констатираат неправилност и ги задолжуваат работодавачите да го исплатат ова право на работниците“, децидни се од најголемиот синдикат.

Конечно, потсетија дека за неодговорните работодавачи кои не исплаќаат регрес или бараат од работниците да ги вратат парите, Кривичниот закон предвидува затворската казна до една година. За минатата година веќе се поднесени неколку Кривични пријави од страна на ССМ.