Преку претпазливо и селективно кредитирање на правни и физички лица, како и фокус на наплата на побарувањата, Капитал Банка успеа да го амортизираме првичниот удар од пандемијата, вели претседателот на Управниот одбор на Капитал банка, Цветан Петринин во интервју за Економист.мк. Според последните податоци на Народна банка, Капитал банка има највисока стапка на адекватност споредено со другите деловни банки во нашата земја, што е клучно мерило за финансиската стабилност на банката. Со Петринин зборуваме и за поволностите кои банката ги обезбедува за своите клиенти, за каматните стапки, дигитализацијата на услугите како и за регулаторните предизвици со кои се соочуваат и кои треба да се променат.
Како актуелната криза се одразува на финансискиот пазар и кој е одговорот на Капитал банка на предизвиците?
Во услови на ограничен пазар за бизнис, кревка и разнишана економија и непредвидлив тек на настаните околу актуелната криза со вирусот Covid-19, Капитал Банка релативно добро се снаоѓа и успева да се држи до својата деловна стратегија, остварувајќи позитивен резултат со добивка, заклучно првата половина од годината. Преку претпазливо и селективно кредитирање на правни и физички лица, како и фокус на наплата на побарувањата, успеавме да го амортизираме првичниот удар од пандемијата. Активното портфолио не бележеше посериозни промени и покрај тоа што банката го ограничи кредитирањето во месеците март и април, а веќе од месец јуни забележавме дури и благо зголемување на кредитното портфолио.
Како дел од економските мерки беше и одложувањето на плаќањето на кредити за правните и физички лица. На каков одзив наиде оваа мерка кај Вашите клиенти и што конкретно им понудивте како помош?
Капитал Банка, уште од самиот почеток на кризата, ги следи и почитува мерките кои ги носи владата и нашиот регулатор, Народната Банка. Имајќи ги предвид можните консеквенции и познавајќи ја структурата и динамиката на сервисирање на кредитните обврски на нашите клиенти, Капитал банка излезе со јавна понуда за одложување на редовната главница на кредити за физички лица, односно обврска да се плаќа само каматата, додека кај кредитите за правни лица беа понудени повеќе пакети на одложување во договор со клиентите во период од 6 месеци. Понудата беше прифатена од скоро 90% од клиентите.
Во услови на криза ликвидноста е еден од најголемите проблеми, дали тоа може да се одрази на депозитите?
Делувањето во ваков вид на опкружување покажа дека се научени лекциите од 2008 година при што сите централни банки ги активираа инструментите за зголемување на ликвидноста.Тоа важи и за нашата земја и за Капитал Банка која во моментот се одликува со висока стапка на ликвидност. Како резултат на високата ликвидност, банката во месец јуни ги намали каматните стапки на депозити, сепак внимавајќи да тие останат се уште најконкурентни на пазарот како и во изминатите години наназад. И покрај намалувањето на каматните стапки, бележиме благ пораст на депозитната база, преку влез на нови штедни влогови и успешно менаџирање со постоечките.
Кои се Вашите очекувања од аспект на движењето на каматните стапки кај кредитите и депозитите во периодот што следи?
Капитал банка продолжува да биде конкурентна на пазарот, пред се од аспект на корисничкото искуство. Брзата услуга и флексибилноста во работењето со клиентите од секогаш била и ќе продолжи да биде нашата најдобра страна. Не очекувам некои поголеми движења на каматните стапки, но секако овде голема улога ќе има текот и крајот на пандемијата, кој засега е непредвидлив.
Капитал банка е една од банките во земјава која прва почна со давање дигитални услуги. Каква е вашата стратегија на овој план?
Дигитализацијата е новата нормална реалност. Периодов беше вистински тест за сите нас, професионалци во својот делокруг на работење, кој колку ќе успее најбрзо и нај оптимално да се прилагоди на виртуелното работење, размена на податоци, состаноци и опслужување на клиенти. Капитал банка повеќе од две години нуди онлајн кредитирање без физичко присуство на клиентите во банка, а минатата година инвестираше во понова верзија на електронско и мобилно банкарство за физички лица, а се работи и на развивање на дигитално опслужување и на правни лица за кредитирање и факторинг.
Како дел од членството во Алфа Финанс Холдинг, водечка европска финансиска група во Југоисточна Европа кои се главните предизвици на среден рок за Банката?
Дигитализацијата е основен приоритет на целата групација која многу брзо се развива во бизнис секторите поврзани со енергија. Ние како банка се сретнуваме со големи регулаторни предизвици, па неопходни се одредени измени во регулативата за да се овозможи премин на целосен онлине однос со клиентите , што е инаку веќе воспоставена банкарска пракса во некои западни земји. Сепак ние активно соработуваме како со вендори кои нудат ваков вид на софтверски решенија така и со стручни релевантни служби кои го поседуваат знаењето и искуството и сигурен сум дека наредната година ќе биде пресудна за овој вид на активности.