Најголемата независна деловна организација кај нас и водечка деловна мрежа, Сојузот на стопански комори на Македонија, за претседател има жена, Данела Арсовска, која е наша соговорничка во „Женски печат”. Оваа успешна жена, која е прва жена претседател на национална комора во Македонија, преку организацијата обединува поголема група жени претприемачи со лидерски капацитет, за кои верува, дека со трансфер на знаење, менторство и соодветна поддршка, ќе се профилираат во идни жени лидери на кои сите ќе бидеме горди.

Весна Дамчевска, уредничка во „Слободен печат” прашува: Досега немало жена на чело на национална стопанска комора во Македонија, а чинам ретки се и во светот. Како се чувствувате, условно кажано во машкиот свет?

– Како прва жена претседател на национална комора во Македонија и како една од три кои се на лидерска позиција во Европа, предизвик беше да се покаже, дека на функција доминантно раководена од мажи може да биде успешна и жена. Моето мислење, а соодветно на тоа и моите заложби секогаш биле, квалитетот да биде првиот критериум за секоја позиција во општеството, особено за раководните, кои носат со себе голема лична одговорност да се направи нешто што е за општо добро.

Сепак, тешко е без воспоставен систем на меритократија базиран на образование, интелигенција и способност, за кој било, а особено за жените да се изборат за позициите што ги заслужуваат. Затоа и вложив многу, мојата позиција да биде показател, дека кога вистинскиот човек, а во овој случај жена, е на вистинското место, успехот е неизбежен. Во континуитет соработката ја темелам врз знаење и аргументи, затоа кој и да стои од спротивната страна, знае да почитува личност водена од тие принципи.

Во 2020 година бев избрана на највисоката позиција во раководството на Светската федерација на комори, единствениот глобален форум кој застапува над 12.000 стопански комори од целиот свет. Оваа информацијата одекна глобално со оглед на фактот што само четири жени во светот се носители на таа функција. Како носител на оваа позиција горда сум на изградениот интегритет, кој е признаен и препознаен не само на национално, туку и на интернационално ниво. Од таа функција меѓу лидерите на стопанските комори од САД, Франција, Русија, Велика Британија, делувам да се обезбедат одговори на тековните предизвици, да се подигне свеста, да се промовира етичко однесување, и најважно да се аплицираат сите најдобри светски практики кои можат да придонесат за подобар живот во Македонија. Преку оваа раководна позиција имам директна комуникација со најголемите мултинационални корпорации и брендови на светот, со што се отвораат огромни можности за нас како држава да се позиционираме и да овозможиме бројни инвестиции во Македонија, доколку постои соодветна институционална поддршка за реализација.

Весна Дамчевска, уредничка во „Слободен печат” прашува: Дали се случува вие да зборувате со цела професионалност за економијата, а некој во вас да гледа само жена?

– Интернационално, но и во Македонија луѓето знаат да ја почитуваат оваа висока позиција и личноста која е нејзин носител. Горда сум што го застапувам приватниот сектор со заложби за подобра национална економија, а Македонија е една од ретките држави во светот која докажа дека жена на типично машка функција како оваа, може да постигне резултати за почит. Бројните интернационални признанија се доказ за успехот, но и моите позиции како експерт во најзначајните меѓународни организации и од оваа година како дел од меѓународната група за подготовка на економските политики и препораки за Самитот на лидери на Влади на Г20. Тешко е да се оспори квалитет, кога Светската трговска организација ќе ве прогласи за шампион за мали бизниси, признание на кое пред нас носител беше единствено Гугл инк. (Google Inc). Верувам дека тоа е додадената вредност на жените лидери, иновативен пристап и поинаква перспектива, на тој начин во традиционалниот деловен свет ќе постигнуваме континуирани успеси и во иднина.

Соња Кириџиевска, новинарка во „Слободен печат” прашува: Како успевате да ги балансирате домашните обврски со деловните, кои очекувано се многубројни, со оглед на бројот на членките во Комората?

– Семејството ми е најголемата поддршка и постојано ме мотивира да продолжам со заложбите, кои и тие како и јас ги сметаат за своевидна борба за подобрување на условите во кои сите работиме и живееме. Сопругот, синот и моите родители со поддршка го овозможуваат тој баланс меѓу приватното и професионалното и уште поважно придонесуваат во надминување на сите предизвици и постигнување успеси. Во време кога нашата економијата се соочува со бројни предизвици, таа поддршка која ја добивам ми овозможува да можам да се посветам на решенија и мерки кои се значајни за сите нас во приватниот сектор. Значајна поддршка во застапувањето на приоритетните прашања секако добивам и од тимот со кој работам во Сојузот на стопански комори. Затоа активностите за застапување на приватниот сектор кои ги преземаме со тимот на Сојузот, како дел од секојдневните напори здружено да овозможиме подобро деловно опкружување и економски прогрес, даваат успешни резултати.

Активно работиме на поддршка на претпријатија во сопственост или управувани од жени, промовирајќи финансиски инструменти за поддршка на жените претприемачи.

Ангела Димитровска од Еднакви.мк прашува: Со какви предизвици се соочивте откако дојдовте на позицијата, имајќи предвид дека бизнисот е сè уште машки свет?

– Лидерството и успехот не разликуваат пол. Сведоци сме на многу квалитетни примери низ историјата и на денешницата, на силни мажи и жени кои се способни да водат кон успех, но да се добијат еднакви можности за да се постигне тој успех сепак сè уште претставува предизвик. Од сегашна перспектива можам да истакнам единствено позитивни искуства во однос на надминување на предизвиците со кои сум се соочила на позицијата, бидејќи проектите кои ги започнав во својот мандат како претседател, се успешно реализирани и уште поважно препознаени на меѓународно ниво, за што имаме признанија од Светската трговска организација, Светската царинска организација, но и многу други. Успеавме со квалитетни проекти да ја издвоиме Македонија како пионер во иновативни решенија во својата област на работа, тоа се успеси кои можеме да се пофалиме дека се постигнати со тим што е воден од жена.

Тешко е без воспоставен систем на меритократија базиран на образование, интелигенција и способност, за секого, а особено за жените, да се изборат за позициите што ги заслужуваат.

Ангела Димитровска од Еднакви.мк прашува: Што имате досега направено за поттикнување на женското претприемништво во земјава и интернационално?

– Заложбите на Сојузот на стопански комори континуирано се насочени кон поттик и поддршка на претприемништвото, базирано на знаење и иновации со цел постигнување поголем економски раст, а женското претприемништво е сегмент на кој сме особено посветени, бидејќи веруваме дека во него се крие најголемиот потенцијал. Се залагаме за дерегулација, преку отстранување на административните бариери и даночно ослободување во првите години од започнувањето со дејност, претприемачите да имаат можност да постигнат стабилност и раст. Активно работиме на поддршка на претпријатија во сопственост или управувани од жени, промовирајќи финансиски инструменти за поддршка на жените претприемачи и овозможувајќи програми за градењето на нивните капацитети. Со поддршка на женското претприемништво се залагаме за економско јакнење на жените преку овозможување на нивна поголема финансиска независност. Затоа имаме важна улога во унапредување на позициите на жените и нивно градење како идни лидери во индустријата во која работат. Секоја година се вклучуваме во активна кампања за да постигнеме родов паритет на платите и да го срушиме стаклениот плафон со затворање на родовиот јаз во тој поглед.

Како одраз на признание на заложбите за поддршка на женското претприемништво од декември минатата година сум член на раководството на Глобалниот комитет на жени лидери, составен од 12 светски познати жени на високи раководни функции, а претседаван од Свати Мендела, внуката на Нелсон Мендела. Комитетот соработува со претседатели на држави и влади на глобално ниво и ја адресира заложбата за изедначување на третманот на жените.

Со македонски претставник во Глобалниот комитет, докажавме дека малите земји, кои се во развој, не се незначајни во глобалните текови. Успеавме со професионални постигнувања, кои никој не може да ги оспори, да се позиционираме и пред претставници на големите и силни економии, кои имаат поголема финансиска и политичка поддршка. Тоа е мотив за новите генерации, да стекнат свест и храброст да придонесат за глобални промени и целиот свет тоа да го препознае.

Успеавме со квалитетни проекти да ја издвоиме Македонија како пионер во иновативни решенија во својата област на работа.

Наташа Мерсовка, уредничка на економска редакција на телевизија Сител прашува: Со оглед на тоа дека помалку од три отсто од жените се на раководни позиции, а според податоците, се трипати помалку платени, колку е тешко да се биде жена на лидерска позиција?

– Процентот на жени на високи позиции во приватниот сектор во Македонија е далеку од европскиот просек. Со само два отсто жени на високи раководни функции во приватниот сектор сме далеку од просекот на економски и демократски развиените земји, но затоа и мотивацијата е голема да се вклучиме уште поактивно во поддршката на жените кои се борат за лидерски позиции. Ништо не е лесно во времето во кое живееме, така и жените на лидерски позиции се борат со бројни предизвици, кои успешно се совладуваат доколку вистинскиот човек е позициониран на вистинското место. Верувам дека неопходно е да се продолжи со меѓусебна поддршка и стимулирање што повеќе квалитетни женски примери да добиваат можност да покажат резултати. Во нашата организација обединуваме поголема група жени претприемачи со лидерски капацитет, кои верувам дека со трансфер на знаење, менторство и соодветна поддршка, ќе се профилираат во идни жени лидери на кои сите ќе бидеме горди.

Каква е вредноста на женското мислење и на женскиот став во деловниот свет? Како реагира спротивниот пол, на еден женски, сигурен и аргументиран став?

– Мудар човек низ секојдневната комуникација секогаш се обидува да научи и да стекне знаење низ искуствата на другите. Така и реагираат сите кои се свесни и паметни, на аргументиран став кога доаѓа од некој со доволно познавање за економските текови и кој со интегритет застапува над 24 илјади македонски претпријатија

ПРЕТХОДНА ВЕСТПроф. Снежана Костадиноска – Милошеска: Владините мерки за помош во кризата се кусорочни и несоодветно таргетитани
СЛЕДНА ВЕСТПетринин: Капитал Банка остварува позитивни резултати, фокусот е ставен на претпазливо кредитирање и наплатата на побарувањата