Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска оствари средба со претседателите од четирите стопански комори во земјава, кои го сочинуваат Комитетот за бизнис дијалог со Хеленската Република, како и со дел од Меѓународната група на експерти кои се дел од овој деловен дијалот со грчките стопански субјекти.

МНР информира дека средбата е реализирана во пресрет на посетата на министерот Османи на Атина, со цел размена на информации и координација на идните активности кои произлегуваат од Договорот за стратешко партнерство и неговиот Акциски план, наменети да го поттикнат и структурираат дијалогот меѓу бизнис-заедниците на двете соседни држави.

– Северна Македонија придава особена важност на односите со пријателска Грција, која е еден од нашите најзначајни трговски партнери и инвеститори со кои веќе остваруваме забележително ниво на соработка. Очекувам идните ангажмани на Комитетот за бизнис дијалог и Меѓународната група на експерти да ја поткрепат и дополнат успешната комуникација во насока на ширење на потенцијалите и можностите за бизнисот, нагласи Османи, потенцирајќи дека добрососедските односи се првиот приоритет на надворешната политика на земјата, не само во насока на политичката стабилност, туку и од аспект на потребата за поголема економска размена и соработка.

Како што наведува МНР, целта останува двете држави преку своите деловни заедници да изнајдат најдобри решенија во однос на регулирањето на трговските марки, трговските имиња  и ознаките на потекло, што ќе придонесе за уште поинтензивна соработка меѓу Северна Македонија и Грција.

– Бизнисот и економијата имаат прагматичен пристап и тие треба да ги предводат добрососедските односи, истакна Османи.

Искуствата, мислењата и ставовите изнесени на средбата, ќе бидат тема на разговор и со грчката страна при неговата претстојна посета на Атина.