Ќе се намали рабаотното време, но официјална плата на административците и за тие работни часови ќе остане иста. Новиот предлог Закон за административни службеници, како што објавивме носи измени за полното работно време на вработените во државната управа кои, ако ова законско решение се усвои, ќе работат по 4 часа помалку неделно, или 16 часа помалку во месецот оти за во петок законодавецот предвидел 4 работни часа. Сепак, ако се анализира начинот на пресметка на платата може да се заклучи дека и покрај помалку сработените часови тоа нема да значи и помала плата. Имено пресметката на плата и во овој закон не е врзана со работните часови, туку со други критериуми.
Во член 69 стои дека платата на административниот службеник се состои од два дела – основна плата и додатоци на плата. Основната плата ја сочинуваат минимална плата, дел на плата за ниво и дел на плата за стаж.
Минималната плата се знае однапред и важи за сите, а нивото се определува со бодови, па секоја позиција во администрацијата има повеќе или помалку бодови. Највисока е генерален секретар која носи 530 бодови, а најниска е помошно- стручен административен службеник од четврто ниво чија позиција носи 5 бода.
Вредноста на бодот за пресметување на делот на плата за ниво на државните службеници се утврдува секоја година со одлука на Владата
Делот на плата за работниот стаж на административниот службеник се вреднува во износ од 0,5 отсто од збирот на минималната плата и делот на плата за ниво, за секоја навршена година работен стаж, а најмногу до 20 отсто.
Инаку има предвидени и додатоци на плата, но и тие не се врзани со работните часови. Има и додаток на плата за работа во посебни услови а тоа се за ноќна работа; работа во смени; работа за време на неделен одмор; работа за време на празници утврдени со закон; работа подолго од полното работно време и извршување на задачите и надлежностите на вработен кој е отсутен подолг период.
Пред да стане јасно дека во Законот е предвидено административните службеници да работат 36 наместо 40 часа наделно, Синдикатот на УПОЗ реагираше дека и во овој нов закон платите на администрацијата повторно остануваат под просечната и се поблиску до минималната.
„Време е за нов начин за пресметка на платите во администрацијата, соопштија од УПОЗ.
Во петокот премиерот Зоран Заев рече дека идејата за четиричасовно работно време на администрацијата во петок дошла од група граѓани, која потоа била преточена во програма на нивниот коалиционен партнер, најверојатно ДУИ, иако не го спомена конкретно. Тој лично смета дека тоа не е добра идеја. Нагласи дека Владата деновиве го видела и слушнала видното незадоволство од граѓаните од овој предлог, и како што вели, предлогот е на ЕНЕР, токму за да се слушнат ставовите на граѓаните.
„Ги знаете моите ставови и за севкупната продуктиувност на населението, и за севкупната ефикасност и продуктивност на администрацијата. Јас јавно зборувам за овие прашања. Прво, како народ треба повеќе да работиме, а не помалку. Но, како ветување предизборно на политичклите партиципиенти во власта, тој нацрт закон сега е ставен на ЕНЕР, и допрва се отворта дискусија за ова прашање, и јас верувам дека граѓаните ќе си го кажат тоа што е реалноста во државата. А реалноста е, прво, ако сакаме сите тука швајцарски плати, треба да работиме многу повеќе од таа што денеска го правиме, и тоа сите, јас тоа го кажувам почнувајќи од себе, па секако, за сите работници, и во приватниот и во јавниот сектор“, рече Заев.
Предлог законот веќе е поставен на ЕНЕР, а го подготви Министерството за информатичко општетсво и администрација со кое раководи министерот Јетон Шакири