Компанијата „Витаминка” денеска информира дека го реализирала првиот директен извоз за Јапонија по детално истражување на локалните пазарни специфики, конкуренцијата и прехранбените навики на Јапонците.

Испорачан е „карамел бисквитот”, адаптиран според јапонските стандарди, а од компанијата најавуваат подготовка и на нови артикли за јапонскиот пазар.

– Извезуваме во многу земји, со различни културни и прехранбени навики и различна структура на малопродажната индустрија од аспект на концентрација и формати, но извозот во Јапонија е посебно значаен затоа што овој пазар се издвојува со својот обем, високите квалитативни стандарди и многу различни и специфични нутритивни навики до кои успеавме да ги доближиме нашите производи. Се разбира, продорот што го направивме е резултат, пред се на квалитетот на нашите производи, како и извозната стратегија што ја развиваме континуирано и што дава позитивни резултати, вели Љупчо Велески, директор на Секторот за извоз во „Витаминка”.

Од компанијата соопштуваат дека извозот за Јапонија е поздравен и од Јапонската амбасада во земјава.
Моментално, „Витаминка” има континуиран извоз во повеќе од 30 земји, а со вклучување на јапонски пазар, реализацијата на странските пазари го продолжува трендот на зголемување кон најдалечните дестинации.

ПРЕТХОДНА ВЕСТВинаријата „Сковин група“ ја почна првата берба за 2020 година со грозјето „Шардоне“
СЛЕДНА ВЕСТГенерали Инвестментс се придружува на Инвеститорскиот ден