Винаријата „Сковин Група”, најновата странска инвестиција во винската индустрија во нашата држава, ја започна првата берба за 2020 година со грозјето „Шардоне” од лозовите насади во близина на Марков Манастир.

– Оваа винарија располага со 600 хектари лозови насади, а оваа година ја почнуваме бербата со грозјето Шардоне од кое очекуваме доста квалитетно вино. Оваа година беше напорна и многу тешка за сите во винската индустрија, но почетокот на оваа берба која очекуваме да биде исклучително квалитетна, дава надеж за продолжување на приказната за вековната традиција на производство на вино од нашето скопско виногорје. Сигурни сме дека оваа берба ќе биде плодна и нашата визба ќе продолжи со производство на високо квалитетно македонско вино со препознатливиот Сковин бренд во ново руво, истакнаа од „Сковин Група”.

Традицијата на винаријата „Сковин Група” датира од 1979 година и е првенец во производство на домашно вино од скопскиот вински регион. Денес располага со капацитет од 17 литри вино што се пласира на домашниот и неколку интернационални пазари.

Со новата берба и новите стратешки насоки на винаријата, очекувањата се да се продолжи пласманот на вината во регионот, на пазарот во Европската Унија како и на сите интернационални пазари, вклучувајќи најнови лансирања на вина во Азија.