Вакцинацијата на децата против ковид-19 кај нас нема да биде задолжителна, нагласи министерот за здравство Венко Филипче. Тој соопшти дека ќе се дозволи вакцинирање на деца од 12 до 16 години со вакцината на „Фајзер“.

Вакцината на „Фајзер“ засега е единствена вакцина која е дозволена да се користи согласно препораките во внатрешното упатство за оваа категорија деца во таа возрасна рамка. Министерот Филипче вели дека досега нема нус појави кај вакцинирани деца.

Инаку, бројот на вакцинирани во земјава надмина 400 илјади, а Министерството за здравство оценува дека вакцинацијата се одвива непречено. На вакциналните пунктови во државата заклучно со завчера се вакцинирани 400.235 граѓани.

Во државата вкупно се аплицирани 640.886 дози вакцини, а ревакцинирани се 240.651 граѓани. Бројот на лица кои досега изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 494.389 граѓани.