Три месеци карантин и вонредна состојба во борба со корона вирусот ја покосија националната економија. За спас на претприемачите односно ублажување на ефектите од кризата Владата донесе четири пакет мерки, но резултатот е далеку под очекувањата. Колку фирми ги исполнија условите за добивање на помошта? Зошто токму приходот е единствен критериум за доделување на оваа помош? Што ако субјектот го има истиот приход како во истиот период минатата година но има многу поголеми трошоци (голем број на вработени во изолација, ангажирање на нови работници притоа плаќајќи ги сите вработени затоа што се на боледување до 30 дена, заштитни средства за работа, тестирања, скратено работно време, итн) Овие субјекти не го исполнуваат условот со што им е ускратено правото на оваа државна помош. Затоа сметам дека треба да се земат и други критериуми кои ја покажуваат вистинската слика за ликвидноста на друштвото, а не само приходот кој не води кон искривена слика.
Што се однесува до одредени стопански гранки како што се туризмот и угостителството кои се таргетирани како корона вирус кластери само чудо може да ги спаси од тотално затворање.
Невработеноста ќе биде горчлив проблем кој не чека на прагот на новата 2021 година рака под рака со рапидниот раст на јавниот долг. Допрва ни следи денот после, што кога ќе се смири епидемијата, сметам дека државната помош не е доволна бидејќи многу претприемачи се потпираат на фактот дека луѓето кои ја добија државната помош од 6000 денари со четвртиот пакет мерки ќе успеат да ја спасат економијата која е во рецесија ?! ( најголем дел од овие средства ќе се потрошат на прехранбени продукти, плаќање рати од кредити и месечни сметки ) .
Клучно во овој момент е Владата да ги намали трошоците во јавниот сектор бидејќи економската активност е намалена со што е пресечен и изворот на финансирање на буџетот. Затоа мора под итно да се изврши алокација на средствата во буџетот за 2021 година од јавниот кон реалниот сектор за да имаме барем мал раст на кривата од следната година колку и да е тоа малку веројатно.
За разлика од претходната криза во 2009 година, финансискиот сектор е во многу подобра состојба, со што може да е подобар партнер на државата во справување со кризата со бескаматен мораториум на кредитите кон реалниот сектор и граѓаните.
На нашата економија навистина и е потребен респиратор да го преживее вирусот затоа што носењето маски односно досегашните мерки не вродија со плод. Нејзините бели дробови е со пневмонија – рецесија и потребна и е сериозна интервенција со намалување на даноците особено околу Законот за данок на додадена вредност (член 30 а) кој стапува на сила од 01.01.2021 година со кој се воведува трета тарифа кај угостителите од 10 отсто токму во моментите кога нивната дејност се базира на доставата до дома што во моментов е оданочлива со 5 отсто што значи дека за неколку дена угостителите ќе се соочат со нови 5 отсто трошок. Ослободување од обврската за плаќање на регресот за годишен одмор за 2021 година со цел закрепнување на работодавачите од ковид кризава. Ослободување на угостителските објекти од плаќање на комунална такса за користење на јавни површини за 2020 и 2021 година како и таксата која ја плаќаат кон ЗАМП за 2020 и 2021 година, се само мал дел од интервенциите кои Владата треба да ги спроведе за спас на овие интубирани стопански гранки.
Автор:Ана Тасевска