Европската централна банка тврди дека и покрај рекордниот раст на буџетското задолжување за помош на економијата, нема да имаме „реприза“ на глобалната финансиска криза од пред десет години. Под услов државите добро да ги користат овие средства за зачувување на економијата сè додека не започне дистрибуцијата на вакцината. Вчерашната блокада на европската програма за закрепнување преземена од Полска и Унгарија, предупредува дека таа нема да оди толку лесно.

Владите ширум Европа трошат огромни суми за спречување на рецесијата, но јавниот долг нема да биде неодржлив, иако е огромен кај некои членки на еврозоната, смета главниот економист на Европската централна банка (ЕЦБ).

Буџетскиот дефицит на европските земји достигна рекордно високи нивоа оваа година, како резултат на напорите на земјите да ја зачуваат економијата во услови на карантински мерки што се воведуваат во борбата против пандемијата. Во такви услови, јавниот долг ќе ја надмине вредноста на БДП, со проценки дека тој ќе продолжи да расте и во следните две години.

Точно е дека јавниот долг ќе расте, но во ситуација кога каматните стапки се многу ниски и имајќи ја предвид макроекономската средина, може да се заклучи дека овој долг е одржлив, објави Европската централна банка.

Тие додаваат дека нема причина да се плашиме дека јавниот долг ќе излезе од контрола и дека ќе доживееме „реприза“ на ситуацијата што се појави пред десет години, кога изби глобалната финансиска криза. Имено, како што тврдат во ЕЦБ, „трошоците за камата на овој нов долг ќе бидат прилично ограничени во наредните години“.

Централната монетарна институција на еврозоната ги одржува трошоците за позајмување на рекордно ниско ниво, но им кажува на владите дека нивната задача е да ја зачуваат економијата сè додека не започне дистрибуцијата на вакцината и додека не се укинат итните мерки поради пандемијата. Како што истакнуваат, тој вид одговорност не е во „описот на работното место“ на централната банка.