Единствените жртви како и секогаш се палестинското општество и некои сегменти од израелското, кои се спротивставуваат на репресивните и дискриминациски политики на Израел.

Најновиот израелско-палестински конфликт кој деновиве експлодираше во Ерусалим и набрзо се прошири и во Тел Авив, Појасот Газа, Лод, па се до Негев би можело да го навести почетокот на Третата интифада или почетокот на деветата војна во 70 години помеѓу Израел и Палестинците. Актуелната криза можеби наликува на уште едно продолжение на бескрајниот политички и идентитетски судир помеѓу Израел и Палестинците, но локалниот и регионален контекст изобилува со нови елементи кои актуелниот конфликт го прават понепредвидлив и покофунзен од порано. Како почна најновото насилство и судир?!

Од почетокот на Рамазан пред еден месец Палестинците се судрија со израелската полиција која постави бариери пред Дамасковата порта со цел да ги спречи ифтарските вечери. Палестинците, особено помладите, тоа го сфатија како ограничување на нивното право на собир. Судирите ќе потрајат неколку дена дегенерирајќи во напади врз ортодоксните Евреи. Потоа ќе се вклучат ултраортодоксните еврејски екстремисти од супрематистичката група „Лехава“ – „Пламен“, кои ќе се судрат со Палестинците, нешто што на 22 април ќе кулминира во нивен марш низ Стариот град со извици „Смрт за Арапите“ и напади врз продавници предизвикувајќи преку 100 повредени. На 25 април полицијата ќе ја отстрани бариерата, но тоа нема да ги смири Палестинците.

Во исто време со инцидентите пред Дамасковата порта, ќе се распламтат судири и во населбата Шеик Џара каде на 28 палестински семејства, кои тука живееле со генерации, им се заканува насилно иселување затоа што една еврејска естремистичка организација полага сопствеништво над земјиштето на кое живеат. Околу прашањето, на 10 мај требаше да се изјасни и Врховниот суд, но пресудата беше одложена поради тензичната атмосфера.

Проблемот со Шеик Џара е дел од поголемиот судир помеѓу Израелците и Палестинците во Ерусалим затоа што е емблематичен пример за израелскиот обид да се јудеизира арапскиот дел на источен Ерусалим. Проблемот е дотолку поголем што Ерусалим за Евреите е главниот град на Израел, статус кој им беше признат и од САД за време на администрацијата на Трамп. За Палестинците и за меѓународната заедница источен Ерусалим е под окупација и Палестинците го бараат како иден главен град на нивната држава. Основниот суд веќе одлучи во полза на Израелците наведувајќи дека источен Ерусалим им припаѓал на Евреите уште пред војната од 1948 година. Палестинците се противат на одлуката и го бранат своето право да живеат тука, сметајќи се за легитимни сопственици на домовите изградени во овој дел од градот.

ПРЕТХОДНА ВЕСТПо повеќе од една година: Од денеска може да се патува во Грција
СЛЕДНА ВЕСТСкратен полициски час и олабавени мерки до вторник