Од Кабинетот на вицепремиерот велат дека идејата е преку оваа Платформа да се обезбеди поголема вклученост на експертската јавност и професионалците од сите економски сфери во носењето на државните политики.

На иницијатива на вицепремиерот Фатмир Битиќи е формирано неформално советодавно тело – платформа „За татковината со љубов“ на која експерти  и професионалците од сите економски сфери ќе можат да ги искажат своите стратешки економски размислувања кои треба да помогната во креирањето на политики за одржлива економија на долг рок. На првиот состанок на платформата учествувале  20 експерти.

Како што е соопштено од Кабинетот на вицепремиерот, идејата е преку оваа Платформа да се обезбеди поголема вклученост на експертската јавност и професионалците од сите економски сфери во носењето на државните политики.

– Вредноста на инклузивноста и намерата за стратешко среднорочно и долгорочно планирање на економскиот развој е отсликана во платформата „За татковината со љубов“. Таа ќе претставува советодавно тело кое ќе служи за доброто на државата и ќе има за цел – економски развој, креирање на предвидлива бизнис клима и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Преку оваа Платформа ќе се обединат и ќе дискутираат водечките економски експерти во земјава од повеќе различни области: макроекономија, јавни финансии, даноци, инвестиции, царина, претприемништво, човечки капитал, стратешко планирање и др. Оваа платформа ќе биде ризница на знаење и искуство од домашни експерти и истата нема да прави поделба по политичка, родова, етничка или било каква припадност, напротив ќе спојува, создава и движи напред во насока кон одржлив и стабилен економски развој – рече на првиот состанок Битиќи.

Во ова неформално тело, покрај вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, поканети се да даваат свои мислења и да дискутираат поранешни министри, универзитетски професори, економски експерти од граѓански организации и стопанственици, без разлика на нивната политичка наклонетост, родова или етничка припадност, за да се креираат најдобри можни системски решенија, стратегии, политики и мерки за побрз и одржлив економски раст и развој.

ПРЕТХОДНА ВЕСТЗемјотресот кој го стресе Скопје е со јачина од 3,9 степени
СЛЕДНА ВЕСТЗЛАТО ИЛИ БИТКОИН, ПРАШАЊЕТО Е СЕГА