Од 3497 граѓани кај кои е потврден коронавирусот во изминатите седум дена, од 6 до 12 август, 450 односно 12,8 отсто биле целосно вакцинирани, а 87,1 проценти или 3047 граѓани од позитивните не биле вакцинирани. Министерството за здравство во анализата за наведениот период  евидентира дека смртноста е 100 отсто кај невакцинирани односно ниту еден од сите 25 починати од КОВИД-19 не бил вакциниран.
Министерството за здравство соопшти дека почнува на неделно ниво да прави редовни анализи за процентот на вакцинирани меѓу позитивните случаи и починатите од КОВИД-19 во државата и ќе ги објавува секој петок за да ја информира јавноста. Притоа, за вакцинирани се сметаат лицата кои примиле две дози и поминале најмалку 14 дена од  аплицирањето на втората доза.
Во соопштението МЗ апелира граѓаните да се вакцинираат зашто само така ќе се постигне  колективен имунитет и ќе се спречи ширење на мутации на вирусот.  Укажува  дека секоја вакцина која е на располагање е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход.