Обединетите Арапски Емирати во петокот воведоа закон со кој се обезбедуваат еднакви плати за мажи и жени во приватниот сектор.

Шеиха Манал бинт Мохамед бин Рашид Ал Мактум, најстарата ќерка на владејачкиот шеик Мохамед бин Рашид Ал Мактум и претседател на Советот за родова еднаквост на ОАЕ, објави на Твитер воведување на законот.

„Овој чекор несомнено ќе ја зголеми социјалната вклученост на жените, ќе ја поддржи нивната улога во националниот развој и ќе го подобри статусот на ОАЕ на Светскиот индекс на родова еднаквост”, рече таа.

Кабинетот на ОАЕ го одобри законот во април 2018 година.

Во извештајот на Глобалниот родов јаз на Светскиот економски форум за 2020 година, ОАЕ го зазедоа 120-то место и 137-та позиција во категоријата „економско учество и можности”.

Индексот на родова нееднаквост на Програмата за развој на Обединетите нации за 2019 година покажа дека земјата има стапка на учество на трудот од 51% кај жените, во споредба со 93% кај мажите.