Владата ќе се обиде да собере што е можно повеќе пари преку продажба на доминантно или делумно државни компании, ќе го продава земјоделското земјиште, но под услов тоа да остане за земјоделско производство, а ќе прави напори и за обезбедување јавно-приватни партнерства за повеќе капитални проекти.

На овој начин треба да се придонесе во полнењето на државната каса, чија приходна страна за 2021 година е планирана на 3,45 милијарди евра, или 8,3 проценти повеќе од износот предвиден со вториот ребаланс на Буџетот за 2020 година. Расходната страна, пак, е планирана на 4 милијарди евра, што е за 2,1 отсто помалку од предвиденото трошење за оваа година.

Министерот за финансии Фатмир Бесими и премиерот Зоран Заев најавија дека идната година треба да почне и да заврши продажбата на Пошта, Железница-Транспорт, Тутунски комбинат Прилеп, фабриката за шински возила „Колска“, фабриката за наменско производство „Еурокомпозит“… Но факт е дека за некои компании и досега се барал купувач, но безуспешно.

Според уверувањето на премиерот Заев, ЕСМ нема да оди на продажба.

– Немаме намера да го продаваме акционерското друштво во државна сопственост Електрани на Северна Македонија. Тоа е компанија со големи и потенцијални ресурси која остварува профит од кој што еден дел се инвестира во заштитата на животната средина како што е проектот со инверторите, во филтрите во РЕК Битола, во нова опрема и механизација за сопствените потреби за работа на енергетските ресурси на компанијата – нагласи премиерот Заев.

Како дополнителен извор на пари за реализација на капитални проекти се најавува јавно приватно партнерство за хидроцентралата Чебрен и за ТЕЦ Неготино за нејзина трансформација во електро-централа на хидроген.

Во насока на дополнување на изворите за Буџетот, Заев спомена  дека се очекуваат инвестиции во ски центарот Попова Шапка, со дополнителна одлука дали ќе се оди на продажба или со концесија, како и на туристичките објекти во Струга кои се во сопственост на Електрани на Северна Македонија.

ПРЕТХОДНА ВЕСТ400 компании ќе добијат 17,2 милиони евра
СЛЕДНА ВЕСТЕкстремно загадено вечерва во Скопје – надвор не се дише