Откако од стартот на јуни здравствените власти дозволија организирање на свадби во земјава, а од неодамна тоа е одобрено и во затворен простор, што веќе како гости го искористија и одредени државни функционери, младите поитаа да ја искористат можноста и да го прослават „денот за паметење“, односно својата свадбена прослава.

Откако се дозволија свадбите, нема петок и викенд во кој не се одржува свадба, а исполнети се буквално сите ресторани во кои се организираат вакви прослави.

Како што е познато, власта дозволи организирање на свадби на отворено со исполнетост на капацитетот од само 50 отсто, додека, пак, сега смее да се организираат и свадби во затворените ресторани, но таму е одобрена уште помала исполнетост на капацитетите, односно 40 проценти. Нема предвидено ограничен број на гости, но, ако на пример ресторанот имал капацитет за 400 гости, сега на отворено смеат да дојдат само 200, што доведе до тоа да се организираат и помали свадби.

А, од завчера има уште една новина кога е во прашање свадбарското работење, а таа е дека на една маса можат да седат максимум до осум гости, наспроти шест како што беше досега, и каква што останува обврската за другите локали. Но, ова се доволи и од причина што свадбарските маси се поголеми, и кај нив може полесно да се одржува дистанцата меѓу гостите.

Според протоколите кои и сега се на сила, играње на подиум и музика се дозволени, но е задолжително одржување на физичка дистанца, што значи дека ора и сега не смее да се играат. Сепак, иако гостите можеби и треба да се воздржат од класичните свадбарски ора, не значи дека не смеат да танцуваат и да се забавуваат, бидејќи тоа е дозволено, но со одржување на дистанца.

Мартин Ангеловски, потпретседател на Туристичко-угостителската комора при ССК, кој и самиот поседува ресторан за свадби, за Фактор вели дека откако стартуваше одржувањето на овие веселби, контролите од пазарните инспектори се чести, но барем засега, нема информации за изречени казни.

„Според информациите што ги имам од колегите, има чести контроли од пазарните инспектори во рестораните во кои се организираат свадбите. Но, од она што го знам, досега не се изречени казни, бидејќи ние угостителите навистина внимаваме да се почитуваат протоколите. Односно, се дозволува присуство на онолку гости колку што е одобрено, или 50 и 40 отсто од капацитетите, но се почитуваат и сите други протоколи. Исто така, ние на младите кои стапуваат во брак им ги објсаснуваме протокоилите за заштита од ковид 19 кои треба да се почитуваат, и ги замолуваме тие тоа да им го пренесат и на своите гости, со цел свадбената веселба да се одржи во најдобар ред“, објаснува Мартин Ангеловски.

Според потпретседателот на Туристичко-угостителската комора, и покрај тоа што речиси година и половина не беше дозволено одржување на свадби, главно тие се закажуваат за деновите петок, сабота и недела. Ретко е свадба да се одржува и во некој друг работен ден, и тоа особено важи за македонскиот дел од популацијата, додека, пак, сограѓаните Албанци речиси секојдневно закажуваат и организираат свадбени веселби.

Какви се сега цените на свадбите, односно дали угостителите ги зголемија, со намера барем колку толку да повратат од изгубените приходи поради повеќе од едногодишното неработење? Ангеловски вели дека цените засега остануваат на исто ниво, но веќе од наредната сезона организирањето на свадби дефинитивно ќе поскапи, и тоа главно поради зголемените цени на сите производи, како што се прехранбените продукти и пијалоците.

„Со оглед што голем број од свадбите се префрлени од минатата година, кога беа забранети, за оваа година, ние не сакавме да им ги зголемуваме цените на нашите клиенти, со цел да не ја изгубиме довербата и реномето кај нив, односно да не биде дека сме се договориле по едни цени, а сега да им бараме други. Од друга страна, пак, не сакаме да им ги зголемуваме цените ниту на новите клиенти, кои сега ги закажаа свадбите, бидејќи не би било фер и коректно за едни гости да одредуваме едни цени, а за други тие да бидат поинакви, односно повисоки. Така што, одлучивме оваа сезона да издржиме по овие стари цени, но веќе следната година ќе мора да има корекција. Односно, од следната сезона ќе мораме да ги зголемиме цените, бидејќи поскапеа сите продукти“, објаснува Ангеловски.

Инаку, сега цените се различни, со тоа што поскапи се оние во скопските ресторани во однос на оние во другите градови на земјава, а исто така, кога станува збор за Скопје, повисоки се цените во рестораните во самиот град, во однос на оние на периферните подрачја. Па така, на периферија цените за едно мени се движат од 17 евра па нагоре, зависно од понудата, додека во скопските ресторани се од 20 до 21 евро па нагоре.